Од средината на март досега, од Северна Македонија, преку овој до скоро најфреквентен граничен премин, излегле само 15 патници, кои потпишале изјави дека 90 дена нема да се враќаат дома
Само 15 патници излегле од Северна Македонија преку граничниот премин „Богородица“ од првичното воведување на вонредната состојба во земјава на 18 март. Тие потпишале изјави дека нема да се враќаат во земјава во период од 90 дена. Како што информираат за МИА од дежурната гранична служба на ГП „Богородица“, во изминатите 30 дена, од Грција во Северна Македонија, исто така, влегле дваесетина наши граѓани кои потпишале изјава дека ќе одат во државен карантин.
Сообраќајните ленти за автомобили и автобуси на двете страни од границата со Грција се празни, а без пречки се одвива само транзитниот сообраќај со камиони, јави МИА.
Најфреквентниот ГП „Богородица“ не бил толку празен како денеска, барем не во пресрет на велигденскиот викенд кога се редеа колони од возила во шест ленти долги и по неколку километри.
За велигденските и првомајските продолжени викенди во изминатите години, „Богородица“ во просек ја минувале по петнаесетина илјади патници на излез и на влез во земјава, за разлика од денес кога рампите се спуштени.
„Минатата година за Велигден преку нашиот премин поминале вкупно 10.564 патници од кои 5.388 наши граѓани и 5.176 странци. На излез од земјава поминале 5.201 од кои 2.251 патник од земјава и 2.950 странци ,а во земјава влегле 5.363 патници од кои 3.137 од нашата земја и 2.226 странци, од кои најмногубројни биле нашите соседи од Грција“,
велат надлежните од граничната полиција, кои посочија дека границата се минувала за 10 до 15 минути во зависност од моментниот сообраќаен бран.
Пусто е и во градот Гевгелија, каде Грци беа секојдневни, најмногубројни и најчести гости во казината, рестораните и кафулињата.Сега се затворени сите казина и автомат- клубовите, освен хотелот на казиното „Фламинго“, кој капацитетите за сместување ги понуди за користење државен карантин. Затворени се и дваесетината стоматолошки ординации во Гевгелија, каде што, исто така, многубројни беа пациенти од Грција.