На свеченоста, според соопштението на иницијативниот одбор, поканети се и премиерите на Бугарија и на С Македонија, амбасадори и други гости
Градоначалникот на Благоевград се премислил и, како што соопштија од иницијативниот одбор, сепак дал дозвола за отворање на клубот, Никола Вапцаров на 30 октомври, пренесуваат медиумите.
На свеченоста, според соопштението на иницијативниот одбор, поканети се и премиерите на Бугарија и на С Македонија, амбасадори и други гости.
Клубот е основан од иницијативен комитет, во чиј состав е и Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права, а ќе има за цел да ја развива македонската традиционална и модерна култура, да гради културен мост меѓу Македонија и Бугарија и да ги зајакне врските меѓу Македонците и Бугарите ширум светот, велат организаторите на настанот, велат од иницијативниот одбор, пренесува „Телма“.
Во вторникот се појавија информации дека Советот на Општина Благоевград забранил да се отвори македонски културен клуб „Никола Вапрацов“.
По ова шефот на дипломатијата, Бујар Османи, рече дека не е запознаен со ситуацијата, па затоа побара прво да се информира за потоа и да реагира соодветно.
Вчера Министерството за надворешни работи ги осуди непримерните квалификации во содржината на декларацијата на Советот на Општина Благоевград кои се однесуваат на македонскиот народ, а со која се забрани отворањето на македонскиот културен центар „Никола Вапцаров“ во оваа бугарска општина.
Во текстот на декларацијата, чиј автор е советникот Кирил Илиев, се вели дека наводно македонската нација била вештачки создадена во 1934 година.
Информација дека Советот донел декларација да го забрани отворањето може да се пронајде од 8 октомври, објавена на порталот агенција.бг.
Во веста од пред десет дена се наведува дека советниците се спротивставиле на ваквиот антибугарски предлог, а советникот Кирил Илиев од ГЕРБ порачал дека со декларацијата му се порачува на македонскиот клуб дека не е добредојден во градот и оти Благоевград нема да биде центар на вакви пропагандни провокации.
За истиот клуб, од здружението „Нов АСНОМ“, кое беше дел и од движењата за бојкот на референдумот за промена на уставното име, на 5 октомври реагираа дека бил оштетен натписот, иако клубот сè уште не е отворен.
Според нивната реакција и фотографиите кои ги споделија тогаш, од насловот на клубот Македонски културен центар „Никола Вапцаров“, била извадена буквата „М“.