Од СВР Велес потврдија оти од магацинот на детската градинка биле украдени повеќе прехранбени производи. Неофицијално, како што објавија повеќе медиуми, станува збор за поголеми количини на брашно, масло за јадење, шеќер и сол
Шестиот клон на детската градинка „Димче Мирчев“ во Велес викендов останал без резервите на прехранбени производи поради кражба во главната кујна.
Случајот е пријавен денеска, а од СВР Велес за „360 степени“ потврдија оти од магацинот на детската градинка биле украдени повеќе прехранбени производи. Неофицијално, како што објавија повеќе медиуми, станува збор за поголеми количини на брашно, масло за јадење, шеќер и сол.
„На ден 14.03.2022 година во СВР Велес е пријавено дека од детска градинка на ул. ’Коле Цветков’, од магацинскиот простор, биле украдени повеќе производи. Полициски службеници од крим-полиција извршиле увид на самото место и се работи на расчистување на случајот“,
потврдија од СВР Велес за „360 степени“.
Советникот во Општина Велес од редовите на Левица, Игор Смилев, во фејсбук-статус напиша оти од велешката градинка „Димче Мирчев“ се украдени сите резерви на брашно (над 100 килограми), масло за јадење, шеќер и сол.
„Почнува гладот. Ноќеска една од градинките во која се наоѓа главната кујна во стариот дел од Велес е ограбена. Украдени се сите залихи на брашно (над 100 кг), зејтин, шеќер, сол. Се надеваме на брза реакција на органите и експресно пронаоѓање на сторителите“,
пишува во фејсбук-статусот на советникот Игор Смилев.