Македонизмот не е ништо помалку важен од европеизмот, рече опозицискиот лидер, посочувајќи дека власта неправедно лепи етикети дека патриотизмот е демоде политика и популизам
СДСМ, на чело со Зоран Заев, е против Европската Унија; Оваа владејачка гарнитура е мафија, која веќе четири години ја држи државата подалеку од ЕУ; Сакаат да го продадат Гоце, за да склучат уште некоја зделка за производство на марихуана или со урбаната мафија…
Ова се дел од обвинувањата што опозицискиот лидер Христијан Мицкоски ги адресираше вечерва до власта, во завршницата на протестниот марш на ВМРО-ДПМНЕ насловен “За ЕУ, за Македонија, за Гоце Делчев”.
Во црвена маичка со ликот на Гоце, која го издвојуваше од другите демонстранти кои носеа слични такви маици, ама главно во бела боја, Мицкоски порача дека Делчев е црвената линија на нашето достоинство и на идентитетот.
„Гоце го има во македонската химна. За кого би протестирале, ако не за Делчев. Тој е црваената линија на нашето достоинство и на идентитетот. Тој е столбот на нашето постоење како народ“,
рече Мицкоски.
„Денес сме тука и за ЕУ и за Гоце Делчев. Нашите историчари кои ја имаат нашата поддршка. Делчев е европска вредност. Неговите идеи за културно издигнување на еден народ се основата на која почива ЕУ. А оваа мафија четири години не држи подалеку од ЕУ. Ова СДСМ, предводено од Заев, е против ЕУ. Тие се против ЕУ, затоа што во ЕУ нема да пропадне банка со 200 милиони пари на граѓаните, финансирајќи бизниси на мафијата на власт. Во ЕУ, обвинителите не се во спрега со власта и власта не диктира судски процеси. Во ЕУ не може да украде на избори волјата на граѓаните“,
рече Мицкоски, набројувајќи зашто, според него, актуелната владејачка гарнитура е против вредностите на Унијата.
Според Мицкоски, власта неправедно лепи етикети дека патриотизмот е демоде политика, заостанатост и популизам. Дека тоа се „анти-ЕУ“ позиции, дека, како што рече, откажувањето од Делчев е една од стоте работи што треба да го проголтаме за членство во Унијата.
„Македонизмот не е ништо помалку важен од европеизмот. Нашата иднина е во ЕУ. Таа ќе дојде без овие луѓе кои сакаат да го продада Гоце за да склучат уште некоја зделка за производство на марихуана. Делчев обединувал, а СДСМ со Заев разединува. Но мафијата не е посилна од вистината. Делчев е нашата тврдина, нашиот последен бастион, нашиот Мечкин Камен, од кој нема да отстапиме ниту педа“,
порача Мицкоски, во неколкуминутното обраќање пред присутните на протестниот марш што почна пред Министерството за правда, а заврши пред МНР, откако опозиционерите поминаа и преку мостот „Гоце ДЕлчев“, во близина на зградата на Владата.
За разлика од претходниот тематски протест, посветен на поскапувањето на струјата, Мицкоски сега не испорача посебни барања до власта во однос на Гоце Делчев, освен што најави нови протести за зачувување на ликот и делото на револуционерот.