По неколкуте најави што дојдоа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека со протести ќе ја руши новата влада, од СДСМ порачуваат дека Христијан Мицкоски се лаже ако мисли дека ќе ги загрози преговорите со ЕУ со оглед на тоа што најавите временски коинцидираат.
„Губитникот Мицкоски се лаже ако мисли дека со протести ќе го загрози преговарачкиот процес со ЕУ, граѓаните нема да му дозволат да ја закочи татковината. Најавите за некакви протести наесен, колку и да се нереални, коинцидираат со времето кога очекуваме почеток на преговорите со ЕУ. Ако Мицкоски мисли дека може да го загрози преговарачкиот процес, се излажал, ќе му пропадне и овој обид да ја закочи земјата“, велат од СДСМ.
Според социјалдемократите, ваквите најави на опозицискиот лидер се само доказ дека очајот и фрустрациите на Мицкоски по поразот на изборите од ден на ден се зголемуваат.
Мицкоски денеска во интервју за „Доче веле“ најави формирање широк опозициски фронт, откако потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во дискусијата на седницата во Собранието за избор на новата влада на Зоран Заев, посочи дека уште есенва опозицијата ќе излезе на антивладини протести.