Во повеќе држави од регионот почнува бранот на промени и Заев нема да биде исклучок од тоа, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Додека актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ најавува жешка политичка есен, со демонстрации и обиди за окрупнување на опозицијата, сѐ погласни се и барањата на поранешни партиски функционери за одговорност за изборниот пораз
Широк опозициски фронт за уривање на новата влада на Зоран Заев, најавува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во интервју за Дојче веле, Мицкоски посочува дека во повеќе држави од регионот почнува бранот на промени и Заев нема да биде исклучок од тоа.
„Следува широк опозициски фронт, кој ќе биде израз на револт за сиромаштијата, за долговите што ни ги оставаат и за неправдите што ни ги причинуваат. Што се изгради за овие четири години? Ние немаме уште нови четири години за да ѝ ги дадеме на мафијата да ни ги потроши. И морам да прокоментирам еден дел од таа шизофрена и нереална ситуација која се наметнува поради медиумското окупирање на власта, а тоа е чувството дека ВМРО-ДПМНЕ не правело протести. Ќе ве потсетам на протесните маршови ширум државата, на протестите по градовите и марширањето што таму се случуваше. Сега следува одново граѓанско здружување. Бранот на промени веќе почнува во државите во регионот, а Заев нема да биде исклучок. Ќе повторам, има огромно опозициско расположение. Бројките покажуваат дека повеќе луѓе на последните избори гласаа за опозициските партии отколку за власта“,
вели Мицкоски.
На прашање дали постои барем една точка од програмата за работа на новата влада со која ВМРО-ДПМНЕ се согласува, Мицкоски вели дека нема простор што било да се пофали.
„Во нивно време се одлеваат инвестиции, наместо да се привлекуваат. Поентата не е да се фалат дека ќе имаат 600 евра просечна плата или поголеми пензии. Јас би сакал тоа да е помножено со два, но проблемот е во реализацијата и во отсуството на стратегија. Не постои простор за фалење, кризата со ковид-19 трае од март, а тие во септември немаат план за почеток на училишната година. Тоа кажува дека не се знае каде тераат“,
вели Мицкоски.
Тој најави формирање широк опозициски фронт, откако потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во дискусијата на седницата за избор на новата влада на Зоран Заев, посочи дека уште есенва опозицијата ќе излезе на антивладини протести.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, пак, од собраниската говорница ја предупреди обновената владејачка коалиција на СДСМ и на ДУИ да се подготви за политички пекол.
Додека актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ најавува жешка политичка есен, со демонстрации и обиди за окрупнување на опозицијата, сѐ погласни се и барањата на поранешни партиски функционери за вонреден конгрес и за одговорност за изборниот пораз.
„Јас и ВМРО-ДПМНЕ имаме еден противник: тоа не се самонаречените иницијатори од хотелската коалиција, кои патем немаат поднесено иницијатива за конгрес, за кој толку многу говорат и го најавуваат, туку за противник го имаме изворот на лошиот живот во државата, а тоа се СДСМ и Зоран Заев, кои во државата создадоа поларизираност и една елитизирана каста која ја обединува криминалот. Во таа каста, која јас ја нарекувам мафија, обединувањето не е по партиска припадност, туку по интересот за пари и власт, бидејќи таму гледаме дека ликови од различни провиниенции се едно исто. Е јас, заедно со народот, се борам токму против тоа“,
вели Мицкоски во интервјуто за Дојче веле.