Неофицијално, под истрага се одговорни лица од приватна здравствена установа и вработени во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО)
Екипи на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал на Министерството за внатрешни работи утрово вршат претреси на повеќе локации во државата во врска со истрага за финансиски злоупотреби во дел од здравствениот систем во државата.

Од ресорното Министерство за „360 степени“ потврдија дека во тек е акција, која се спроведува во координација со надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Бидејќи активностите на истражните органи се во тек, од МВР засега официјално не откриваат детали за акцијата, односно колку лица се под истрага и за кои кривични дела се гонат.
Со овие информации, од МВР најавуваат дека ќе излезат по целосното завршување на акцијата.
„Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР вршат претреси на повеќе локации низ државата, во координација со надлежен јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, во рамки на истражен процес за финансиски злоупотреби во дел од здравството. По целосно завршување на акцијата соодветно ќе ја известиме јавноста“,
се вели во првичната информација од МВР за акцијата.
Во меѓувреме, дел од медиумите, повикувајќи се на неофицијални информации од извори запознаени со истрагата, објавија дека претреси се спроведуваат на повеќе од 10 локации низ државата, вклучително и во главниот град Скопје, во Тетово и во Куманово.
Неофицијално, под истрага се одговорни лица од приватна здравствена установа и вработени во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Тие, велат првичните информации, се сомничат за кривичните дела злоупотреба на служебната положба и овластување, несовесно работење во службата, измама и перење пари.

Наводно, при злоупотребите што се предмет на истрага, биле оштетени и повеќе пацинети кои се лекувале во приватната болница.
Првичните, неофицијални информации, наведуваат и на штета врз буџетот на државата, која наводно надминува 1,5 милиони евра, додека противправната материјална корист со која се стекнала болницата, според овие информации, наводно била проценета на околу 4 милиони евра.
Дел од медиумите, исто така, повикувајќи се на извори од истрагата, објавија дека меѓу осомничените е и поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Ден Дончев.
Дончев беше директор на оваа институција од август 2017 година до мај 2020 година.
