Претседавачот на Советот, Ваљдет Џафери, истакна дека се разгледувала можноста мерката да важи за два или три месеци, но нагласи дека секоја донесена одлука мора да биде и реално спроведлива на терен

Жителите на Општина Гостивар нема да плаќаат сметки за вода за овој месец. Одлуката беше донесена на денешната седница на Општинскиот совет, како мерка за ублажување на последиците од едномесечната кризна состојба и епидемијата.
На Советот беше образложено дека се разгледуваат и опции за неколкумесечно ослободување од овие давачки. Претседавачот на Советот, Ваљдет Џафери, истакна дека се разгледувала можноста мерката да важи за два или три месеци, но нагласи дека секоја донесена одлука мора да биде и реално спроведлива на терен.
Директорот на ЈП „Комуналец“, Алмир Даути, образложи дека вонредната состојба со водоснабдувањето траела точно еден месец и поради тоа е соодветно ослободувањето да се однесува за еден месечен циклус, односно за сметките за август.
На седницата се дискутираше и за долготрајните проблеми со редовното водоснабдување во неколку населени места, меѓу кои Дебреше, Грудајца, Фазанерија и Циглана. Претставниците на ЈП „Комуналец“ најавија дека веќе на следната седница ќе ги презентираат плановите за трајно надминување на овие проблеми.
Епидемијата на подрачјето на Општина Гостивар беше пријавена на 19 јули од Центарот за јавно здравје Тетово, поради, како што соопштија тогаш оттаму, зголемениот број заболени со гастроентеритис и надминување на лимитот на неделно ниво.
Појавата на стомачни заболувања која засегна илјадници граѓани се поврза со загадувањето на водата во градскиот водовод по што на 20 јули Владата прогласи кризна состојба во Гостивар.
Таа беше укината на 20 август откако истекоа 30 дена, период во кој таа може биде во сила, освен ако околностите налагаат да биде продолжена, за што е потребно одобрување од Собранието. Со укинувањето на кризната состојба заврши директниот ангажман и надзор од страна на централната власт и државните претпријатија во Гостивар.
Инаку, водата во Гостивар беше забранета за пиење од 17 јули. Според надлежните, загадувањето дојде од непрописно поставени пумпи од ЈП „Комуналец“-Гостивар со кои во системот се внесувала загадена вода. Илјадници граѓани завршија во болница поради труење со бактерии. Се изврши процес на хиперхлорирање за да се прочисти целиот водоснабдителен систем по што водата беше прогласена за исправна само за техничка употреба.
Од 14 август водата од градскиот водовод во Гостивар е безбедна за пиење откако резултатите од извршените лабораториски испитувања од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и лабораторијата на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје беа задоволителни.
