Состојбата е сериозна и за жал имаме двајца повредени пожарникари кои не се во животна опасност. Ги ангажираме сите расположливи ресурси за што побрзо локализирање на пожарот, соопшти Коњановски
Голем пожар попладнево го зафати просторот над обиколницата во Битола. Од општината информираат дека во целосна функција е штабот за заштита и спасување, а екипите на терен во координација со градоначалникот , постојано се зголемуваат. Во борбата со огнената стихија, вклучени се над 50 лица, од кои 35 пожарникари од ТППЕ Битола, претставници на доброволни противпожарни друштва и граѓани – доброволци, соопштија од Општина Битола.
„Заедно со екипите на Штабот за заштита и спасување, пожарникарите од ТППЕ Битола, доброволните пожарникарни друштва и граѓаните доброволци активно работиме на терен, борејќи се со огнената стихија која ја зафати обиколницата на Битола. Состојбата е сериозна и за жал имаме двајца повредени пожарникари кои не се во животна опасност. Ги ангажираме сите расположливи ресурси за што побрзо локализирање на пожарот,“
напиша на Фејсбук градоначалникот Коњановски.
Од локалната самоуправа во Битола за МИА потврдуваат дека пожарникарите се со лесни повреди и оти едниот е задржан на лекување во битолската болница, додека другиот е пуштен на домашно лекување. Хоспитализираниот пожарникар има изгореници на дланките и на подлактицата.

И директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов во гостување на ТВ Сител потврди дека има повредени пожарникари во пожарот во Битола и појасни дека таму горат нискостеблести растенија.