На ветувањата дека 2021 ќе биде антикорупциска година, реагираше ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека Николовски и премиерот Зоран Заев не се борат против криминалот туку го создаваат, а на вицепремиерот му порачуваат да започне со расчистување на корупцијата од нив двајцата
Во првата половина од 2021 година, во соработка со УСАИД, ќе се спроведе тест за процена на интегритетот на членовите на Владата и нивните советници и надворешни соработници, најави на денешната прес-конференција вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски.
Ова тој го најави на денешната прес-конференција на која ги презентираше идните владини мерки во рамки на „Акција 21 – европски стандарди дома“, рамка од приоритети што ја презентираше власта.
Николовски најави дека годинава ќе се започне и проект за интероперабилност меѓу институциите задолжени за антикорупција. Овој проект предвидува ефикасна размена на податоците за предметите поврзани со корупцијата по електронски пат. Исто така, електронски ќе се поврзат и 28 инспекциски служби.
„Никој нема да смее да затајува и забавува случаи, каде има сомнежи за корупција. Ние никого нема да осудуваме однапред, но имаме задача и обврска сите информации веднаш да ги предадеме кај надлежните институции, за процесите брзо да се завршуваат. Ако има корупција следи казна, ако нема корупција, продолжуваме понатаму. Оваа година започнуваме со воведување на електронски систем за инспекција ‘Е-инспектор’, којшто ќе овозможи електронско поврзување и работење на сите 28 инспекциски служби. Со овој систем ќе се намали субјективното влијание на инспекторот за време на инспекцијата“,
изјави вицепремиерот.
Годинава, ветува власта, ќе се креира и единствен регистар на недвижности за сè што е во државна сопственост, како и регистар на подароци. Николовски очекува тоа да придонесе за домаќинско управување и постапување со државниот имот.
Зборувајќи за антикорупцијата и борбата против криминалот, тој најави и зајакнување на капацитетите на Јавното обвинителство.
„Во соработка со Министерството за правда, ќе се фокусираме на екипирање и дигитализација на истражните центри во Јавното обвинителство, што ќе придонесе во борбата против корупцијата и криминалот преку брзо решавање на предметите“,
изјави Николовски.
На ветувањата дека 2021 ќе биде антикорупциска година, реагираше ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека Николовски и премиерот Зоран Заев не се борат против криминалот туку го создаваат.
„Апсурдно е лик како Љупчо Николовски, кој се поврзува со непотизам, да води тело, министерство за борба со корупција. Целиот фокус и енергија на Љупчо Николоски е како мафијата на власт да се збогати уште повеќе. Љупчо Николовски, кој требаше да се бори со корупцијата, е заплеткан во низа афери за кои никако да излезе и јавно да одговори. Љупчо Николовски не одговори како тоа негов братучед се вработи во време на криза во Македонска навигација“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие му порачуваат на вицепремиерот да започне со расчистување на криминалот и корупцијата од себе и од премиерот Заев.
