Апаратите за томографска магнетна резонанца кои се дел од новиот дијагностички центар, како што беше презентирано, се наменети за сите мускулно скелетни апликации, со нов пристап на дијагностика на магнетна резонанца. Магнетот и пациентот можат да ротираат од нула до 90 степени, со што пациентот може да се постави во стоечка состојба при скенирањето
Градската општа болница „8 Септември“ денеска се поднови со нов дијагностички центар опремен со нови апарати за томографска магнетна резонанца. Ова, според проценките на премиерот Димитар Ковачевски, би требало да го зголеми капацитетот на пациенти кои доаѓаат на преглед во болницата за 50 отсто. Тоа би значело дека дневно на преглед би доаѓале 15 пациенти повеќе од досега.

На презентацијата на новоотворениот дијагностички центар присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за здравство Беким Сали, директорот на ГОБ „8 Септември“ Христијан Костов и италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри, кој беше преставник на Амбасадата како донатор на овој проект.

Апаратите за томографска магнетна резонанца, како што беше презентирано, се наменети за сите мускулно скелетни апликации, со нов пристап на дијагностика на магнетна резонанца. Магнетот и пациентот можат да ротираат од нула до 90 степени, со што пациентот може да се постави во стоечка состојба при скенирањето.
„Апаратите се набавени во рамки на поголема набавка во вредност од 1,1 милион евра. Во тек е и обука на кадарот кои би требало да почнат со работа со пациенти. На почетокот се планираат по 15 пациенти дневно, а со текот на времето тој број ќе се зголеми. Само за илустрација, на годишно ниво во оваа болница околу седум илјади пациенти се снимаат на магнетна резонанца. Паралелно со новата апаратура, комплетно е реновиран и просторот со средства на установата“,
информираше министерот за здравство Сали.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека ниту во време на најголемите кризи, Владата не запира со вложувањето на квалитетни услуги за пациентите и ѝ се заблагодари на Амбасадата на Италија за заложбата при реализација на проектот.

„Апаратите се набавени во рамки на Програмата за рационализација на управувањето и модернизација на биомедицинската технологија во здравствениот сектор, во соработка со амбасадата на Република Италија, за што изразувам посебна благодарност уште еднаш до италијанскиот народ, Република Италија како и до амбасадорот Силвестри за неговата заложба околу целата реализација на овој проект“,
истакна Ковачевски.
Италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри порача дека пријателството во кое Италија зазема водечка улога е сè со цел да ја придвижи Северна Македонија кон европските стандарди.
„Во овој процес Италија сака да ја даде поддршката на конкретен начин со бројни иницијативи за соработка, од земјоделски сектор се до одбрана. Здравствениот сектор заслужува посебно внимание, бидејќи се соочува со тешки предизвици особено по пандемијата со ковид-19“,
рече амбасадорот.