Глас за Македонија бара отворање на сите кутии, повторно пребројување на гласовите и вештачење на неважечките ливчиња.
Оттаму велат дека овој изборен процес е најскандалозниот во изборната историја и се сомневаат дека хакерскиот напад на софтверот во ДИК е нарачан.
„Избори речиси без набљудувачи, без видливо присуство на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, присуство само на набљудувачи од СДС и ДПМНЕ на повеќето гласачки места. ДИК не ги објави на време изборните резултати. Врв на се, е синхронизираниот и скап, хакерски напад на софтверот во ДИК за кој имаме сомневање дека е нарачан. Крајно сомнителна е и набавката на нов софтвер од ДУНА пред само една недела, имајќи целосно функционален софтвер од 2006 година. Колкава е големината на овој фалсификат, доказ е што во чисти македонски средини, поддршката отиде кај албанските партии. Обратното не се случува. Во ваква ситуација, опозицијата треба прва да повика на поништување на изборите. Но, таа молчи и се расправа за неколку мандати“,
велат од партијата.
Оттаму се жалат дека Глас за Македонија е најмногу оштетена на овие избори.
„СДС и ДПМНЕ повторно се јавија во улога на режисери на целиот процес, бидејќи имаше само нивни набљудувачи. Во целата нивна неодговорност, “закана“ им беа партиите од третиот македонски блок, како Глас за Македонија. Последиците од нивното однесување, ќе се видат веќе на локалните избори. Глас за Македонија e партијата која е најмногу оштетена на овие парламентарни избори. Таа беше буквално предмет на брутален напад со фалсификување на волјата на народот. Партијата која до последен момент беше рамо до рамо или веднаш зад Левица, заврши со поддршка од само 0.3% во друштво на маргинални и речиси непознати партии. Глас за Македонија која силно се дистанцираше и е против политиките на двата наши блока, беше предмет на распродажба на гласови. Денес ќе поднесеме приговор до ДИК за индиции за тежок изборен фалсификат за нашата партија. На голем број на избирачки места каде со сигурност гласале наши луѓе од пратеничките листи и нивните семејства, на крајот во записниците има нула гласови“,
се вели во партиското соопштение.
Од таму порачаа дека ако нивните забелешки не се поправат, ќе бараат поништување на изборите.