Мисијата КФОР предупреди дека нема да се двоуми да дејствува за да одговори на случувањата поврзани со безбедноста и дека секоја одлука за мостот треба да се донесе преку дијалогот Косово-Србија, со посредство на дијалогот во Брисел
Германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде, денеска на социјалната мрежа Икс напиша дека целосно ги поддржува црвените линии на мисијата на НАТО – КФОР во Косово за главниот мост на реката Ибар.
Мостот кој ја дели Јужна Митровица, со мнозинство Албанци, од Северна Митровица, со српско мнозинство, е отворен за пешаци, но не и за автомобили.
„Целосна поддршка за НАТО – КФОР и неговите црвени линии. Не смеат да се повторат минатогодишните еднострани дејства што предизвикаа повреди на војниците на КФОР и цивилите. Треба да се земат предвид советите на меѓународната заедница. Потребна е реторичка деескалација, добродојдена е кординацијата што ја наведе Албин Курти“
напиша на платформата Икс германскиот амбасадор во Косово.
Мисијата КФОР предупреди дека нема да се двоуми да дејствува за да одговори на случувањата поврзани со безбедноста и дека секоја одлука за мостот треба да се донесе преку дијалогот Косово-Србија, со посредство на дијалогот во Брисел.
Прашањето за мостот беше актуализирано во последните недели бидејќи косовските власти почнаа да вршат инспекции на мостот и најавија негово отворање, и покрај тоа што меѓународниот фактор смета дека сега не е вистинскиот момент.
Косово и Србија се договорија да го отворат мостот, прво во 2015 година, подоцна во 2016 година, во рамките на дијалогот со посредство на Европската Унија.
Неговото отворање неколкупати се одложуваше, а меѓународниот фактор бара ова прашање повторно да биде тема на дијалог.
Вчера во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, изрази загриженост поради информациите дека наскоро владата на Косово ќе го отвори за сообраќај мостот на реката Ибар во Митровица.
Тој рече дека постои реална опасност поврзана со отворањето на мостот во моментот, што би можело да влијае на безбедноста на војниците на НАТО, тука вклучувајќи ги и американските, па затоа вели дека се надева оти Курти ќе ја земе предвид загриженоста на сојузниците и нема да преземе еднострани дејствија.
Мисијата на НАТО во Косово претходно соопшти дека нема да се колеба да се соочи со каков било развој што може да влијае на регионалната безбедност и стабилност во однос на отворањето на мостот.
Владата на Косово сака да го отвори мостот на Ибар, КВИНТ и НАТО не го поддржуваат тоа засега
Премиерот на Косово, Абин Курти, денеска изјави дека отворањето на мостот за слободно движење на возила не е насочено против никого, „а најмалку против нашите меѓународни партнери“ и затоа, како што нагласи, „ќе продолжиме да разговараме и да се координираме со нив“.
Тој рече дека разговарале со командантот на КФОР за отворање на мостот, што според него би бил корисен, фер и неопходен потег за сите, оти прелиминарните извештаи покажале дека мостот е стабилен и дека по него може да се одвива сообраќај, што според Курти би бил чекор кон нормализирање на односите меѓу двете најголеми заедници кои живеат во северниот и јужниот дел на градот Митровица.