Ограничувањата и натаму остануваат во сила за земјите што сè уште имаат голем број заразени и голема фреквенција на соеви на вирусот, како што се Велика Британија или Индија
На 1 јули Германија ќе го укине предупредувањето за патување во повеќето земји, освен во оние каде што процентот на заразени е сè уште е висок, објави Министерството за надворешни работи.
„Можеме да го укинеме општото предупредување за патниците во ризични области каде што фреквенцијата седум дена по ред е помала од 200. Оваа мерка ќе се применува од 1 јули и низ целиот свет“,
објави германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.
Оваа симболична мерка ќе го олесни патувањето и туризмот во летната сезона.
„На многу места бројот на заразени лица се намалува, а сè повеќе граѓани се вакцинираат. По долги месеци затворени граници, можеме да очекуваме да се вратиме во одреден вид нормалност, а тоа важи и за патувањата“,
вели Мас, но повика на претпазливост и почитување на мерките.
Но, ограничувањата и натаму остануваат во сила за земјите кои сè уште имаат голем број на заразени и голема фреквенција на соеви на вирусот, како што се Велика Британија или Индија.
Укинувањето на предупредувањето за патување не значи укинување на задолжителниот негативен тест за ковид-19, потврдата за вакцинација или која било друга мерка што е во сила за патување од Германија.