„За мене она што е важно е дека треба да ги почитуваме договорените работи, не затоа што се согласуваме со договореното, туку затоа што е договор за континуитетот и стабилноста и во секој случај не можеме да создаваме еднострана рамка врз која ќе се градат политички кариери“, вели шефот на грчката дипломатија

Договорот од Преспа е меѓународен ратификуван договор и не може да се менува и да се ревидира еднострано, вели грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис.
Во утринското интервју за грчкото радио „Ток радио 98,9“, шефот на грчката дипломатија посочи дека во овој момент постои едно прашање што произлезе по изборите во Северна Македонија, но додаде и дека тие секако го почитуваат изборниот резултат.
„Она што секогаш го потенцираме е дека независно од разликите, од идеолошките и политичките разлики што може да ги има ги има новото политичко раководство кон Договорот од Преспа, тоа е меѓународен договор што е ратификуван. Не се менува и не се ревидира еднострано од страните. Претставува една многу основна точка врз која се изградија меѓународните односи на Северна Македонија. Се подразбира дека Европската Унија ги оценува прашањата од Договорот од Преспа и целосното и доследно спроведување и затоа мислам дека политичкото раководство на Северна Македонија ќе ги оцени овие прашања и ќе се усогласи со барањата од Договорот од Преспа“,
истакна Герапетритис, јави дописничката на МИА од Атина.
Тој додава дека Грција, од своја страна, го следи доследното спроведување на Договорот и потсети дека денешното мнозинство додека било во опозиција навремено ги укажувало на сивите точки на Договорот.
„За мене она што е важно е дека треба да ги почитуваме договорените работи, не затоа што се согласуваме со договореното, туку затоа што е договор за континуитетот и стабилноста и во секој случај не можеме да создаваме еднострана рамка врз која ќе се градат политички кариери“,
додава шефот на грчката дипломатија.
Герапетритис уште еднаш категорично ги демантираше написите во грчките медиуми дека учествувал во составувањето на Договорот од Преспа истакнувајќи дека не знаел ниту еден ред од текстот пред јавно да се објави.
Шефот на грчката дипломатија и вчера во интервју за грчкиот весник „Реал њуз“ порача дека е неопходно доследно и целосно почитување на Договорот од Преспа.
Тој изрази уверување дека граѓаните на Северна Македонија не би сакале да ги стават во опасност односите со Грција и европската перспектива на земјата.
Во однос на реакцијата на официјална Атина за инаугурацијата на новата претседателка Сиљановска-Давкова, Герапетритис посочи дека беше брза, но според него и повеќедимензионална и ефикасна.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис пред три дена порача дека доколку целосно не се придржува до Договорот од Преспа, патот на С Македонија до Европската Унија ќе остане затворен.