Лидерот на Алтернатива вели дека не верува дека ќе дојде до тоа да размислуваат со Зијадин Села за напуштање на опозициските редови
Пратеникот и претседател на Алтернатива Африм Гаши е воздржан околу можноста за влез во владејачката коалиција, дури и ако владејачките партии „асистираат“ за донесување на законот за државјанство, што го предлага опозициската колаиција од албанскиот блок.
Во вечерашното гостување на Сител, одговарајќи на прашање во врска со изјава на неговиот коалициски партнер Зијадин Села за можен влез во Владата ако се донесе законот за државјанство, Гаши рече дека не верува дека ќе дојде до тоа.
„Секојдневно гледаме како власта прави големи грешки и ниже порази. Но ние со Села сме коалициски партнери и имаме одлична комуникација. Ако дојде до таква понуда, ќе седнеме и ќе разговараме. Ама не верувам дека ќе дојде до тоа“,
рече Гаши.
Тој вели дека законот за државјанство за лица кои со години, па и децении живеат во земјава, а не им е решен статусот, е една од клучните точки од изборната програма на Алијанса/Алтернатива.
Во однос на поддршката од пратеници на Алијанса/Алтернатива за Законот за попис, Гаши рече дека опозициската коалиција покажала конструктивност за прашање што е од интерес на граѓаните.
„Ние прво баравме да не се одржува попис оваа година, поради здравствената ситуација. Потоа поднесовме амандмани што не беа прифатени. Сепак, мислиме дека е битно после толку години да имаме попис и дека е тоа во интерес на граѓаните. Сакавме да бидеме конструктивни, затоа што опозицијата не е во Собрание само за да кочи и опструира, туку треба да биде коректор на власта. Имавме ист пристап и за економските мерки“,
рече Гаши.
Неговата партија има четворица пратеници, а коалициската Алијанса за Албанците осум.
Села, како што пренесоа дел од медиумите, во вчерашно гостување во емисијата „Политика” на локалната телевизија ТВ Глоби, изјавил дека законот за државјанство е услов АА евентуално да биде дел од власта.
„Имаме обврска да ги исполниме ветувањата што им ги дадовме на Албанците, кои врз основа на оствареното нè легитимираа. Кога бевме дел од власта, во рок од 100 дена го донесовме Законот за јазиците. Сега рековме дека Законот за државјанство ќе се донесе во рок од 100 дена. Ова се однесува на комбинаториката ако АА стане дел од мнозинството. Без да се донесе нашиот предлог – закон за државјанство, нема да прифатиме да станеме дел од Владата“,
рекол Села, ксако што пренесуваат дел од медиумите.
Гаши, по одвојувањето од Беса и од Билал Касами, партиципираше во претходната влада на СДСМ и на ДУИ, каде што Алтернатива имаше министер за култура. Села, пак, беше партнер во владата на Зоран Заев веднаш по смената на власта во 2017 година, ама ја напушти коалицијата, главно, поради недоразбирања со ДУИ, но и откако го изгуби министерското место во здравство, по заминувањето на Арбен Таравари за градоначалник на Гостивар.
Алијанса и Алтернатива настапија со заеднички листи на ланските парламентарни избори. Заедно освоија 12 пратенички места и од август минатата година, кога се конституираше овој собраниски состав, дејствуваат како опозиција.