Вчера генералниот секретар на Беса најави дека не се против Алтернатива на Гаши да влезе во Владата
Премиерот Заев денеска рече дека парламентарното мнозинство може да се зголеми за најмалку 3 пратеници
Се работи за манипулација за свои интереси, нема никаква вистина во тоа, изјавил неименуван висок функционер на опозициската Алтернатива за „Фокус“ , како коментар на информацијата дека оваа партија ќе стане дел од владината коалиција и со тоа ќе го зголеми и парламентарното мнозинство за уште 4 пратеници.
Алтернатива на изборите настапи заедно со Алијансата за Албанците на Зијадин Села и освои 4 пратеници.
Можноста за влез на Алтернатива во Владата вчера прво ја најави генералниот секретар на владејачката Беса и министер за земјоделство Аријанит Хоџа, кој за ТВ 21 изјави дека неговата партија нема против Алтернатива да се приклучи кон мнозинството.
Премиерот Зоран Заев, пак, денеска најави дека мнозинството што ја поддржува неговата влада наскоро ќе стигне барем до 65, а можеби и до 68 пратеници.
Тој одби да посочи конкретни имиња на пратеници кои би заминале од опозицискиот табор, нагласувајќи дека не сака да му ги расипат разговорите со нив. Сепак, рече дека разговорите се водат врз основа на принципи.