Предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница ќе се одржат на 18 октомври годинава

Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска соопшти дека ја потпишал одлуката за распишување на предвремени избори за градоначалник на Брвеница, по неодамнешната ненадејна смрт на Јовица Илиевски, кој на локалните избори одржани есента минатата година го доби вториот мандат да ја води општината.
Предвремените избори ќе се одржат на 18 октомври годинава.
„Очекувам од Државната изборна комисија, Општинската изборна комисија на Брвеница и од сите органи задолжени за спроведување на оваа одлука, изборниот процес да го спроведат професионално, непристрасно и со целосно почитување на законот и процедурите. Ги повикувам сите кандидати и политички субјекти изборната кампања да ја водат достоинствено, натпреварувајќи се со програми, идеи и визија за развојот на општината, а не говор што поттикнува поделби или постапки што ја нарушуваат довербата на граѓаните во демократскиот процес“,
објави собранискиот спикер на Фејсбук.
Гаши повика граѓаните на Брвеница да учествуваат на изборите и одговорно да го остварат своето демократско право.
„Ги повикувам граѓаните на Брвеница да учествуваат на изборите и одговорно да го остварат своето демократско право, придонесувајќи кон мирен, уреден и кредибилен изборен процес што ќе го одреди идниот правец на развој на нивната општина. Убеден сум дека овие избори ќе ја потврдат демократската зрелост на институциите и на нашите граѓани“,
порача тој.
Градоначалникот Јовица Илиевски почина на 23 јуни годинава, на 58-годишна возраст.
На 7 јули Владата соопшти дека започнува постапка за распишување нови избори за градоначалник на Општина Брвеница откако ја разгледала и усвоила информацијата доставена од Министерството за локална самоуправа, оти настапила законска основа за престанок на мандатот на градоначалникот на општина Брвеница.
Советот на Општина Брвеница на вонредна седница донесе одлука – досегашниот претседател на Советот, Роберт Милошески, да биде именуван за вршител на должноста градоначалник.
