Во однос на уставните измени за внесување на Бугарите, претседателот на Собранието вели дека парламентот е подготвен веднаш да почне со постапката доколку се постигне политички договор и доколку се добие гаранција дека на евроинтегративниот пат на земјава повеќе нема да се најдат идентитетски прашања во иднина
Собранискиот спикер Африм Гаши му ја честита победата на парламентарните избори во Бугарија на лидерот на партијата Прогресивна Бугарија, Румен Радев, која освои 44 отсто од вкупниот број на гласови.

Одговарајќи на прашања по денешниот брифинг со новинарите, Гаши изрази надеж дека соседна Бугарија конечно ќе добие стабилна политичка влада, со што би се затвориле и отворените прашања меѓу Скопје и Софија.
„Нормално е дека за нас како држава е во полза да имаме стабилна политичка влада во Софија за да можеме да ги затвориме прашањата што се отворени. Знаете дека оваа влада од почетокот има јасна заложба дека европскиот пат е дел од нашата агенда и приоритет. Но, секако, дилемите за кои е веќе јасно кои се, требаше да ги решиме заедно со политичка влада во Бугарија“,
рече Гаши одговарајќи на новинарски прашања.
Во однос на уставните измени за внесување на Бугарите, претседателот на Собранието вели дека парламентот е подготвен веднаш да почне со постапката доколку се постигне политички договор и доколку се добие гаранција дека на евроинтегративниот пат на земјава веќе нема да се најдат идентитетски прашања во иднина.
„Само да се дојде до договор, потоа процедурата мислам дека ќе биде полесниот дел“,
рече Гаши и додаде дека очекува што поскоро да се формира влада во Бугарија за да се стапи во контакт.
На вчерашните парламентарни избори во Бугарија убедлива победа однесе партијата Прогресивна Бугарија на поранешниот бугарски претседател Румен Радев. Централната изборна комисија на Бугарија објави дека според обработени 98,7 отсто од гласовите, партијата на Радев освоила 44,6 отсто.
