Според портпаролот на „Вреди“, во конкретниот случај целта не била да се предзвикаат немири или да се постапува противзаконски, туку, на барање на косовската претседателка, собранискиот спикер го пратил неговото обезбедување за да види каква е ситуацијата и што конкретно се случува таму
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, како втор човек во државата по функција има право да го прати своето обезбедување на меѓународниот аеродром „Скопје“ за да се информира за случувањата со косовската претседателка, Вјоса Османи.
Ова е ставот на коалицијата „Вреди“ што одговарајќи на новинарски прашања денеска го кажа портпаролот Фари Хисени, прашан дали тие како коалиција сметаат дека има одговорност кај претседателот на Собранито што издал таква наредба.
Според Хисени, во конкретниот случај целта не била да се предзвикаат немири или да се постапува противзаконски, туку, на барање на косовската претседателка, собранискиот спикер го пратил неговото обезбедување за да види каква е ситуацијата и што конкретно се случува таму.
Во таа насока, од коалицијата „Вреди“, сметаат дека нема никаква одговорност кај претседателот на парламентот со тоа што испратил луѓе од неговото обезбедување на аеродромот.
„Мислам дека вториот човек на државата сепак го има и му припаѓа правото да го направи тоа. Праќањето на обезбедување за чисто информативно да се знае што се случува на аеродромот и мешање во ингеренциите на аеродромот не е исто. Не велам дека се меша во активностите. Пратен е човекот за да се информира што точно се случува на аеродромот“,
изјави портпаролот на „Вреди“.
Министерството за внатрешни работи (МВР) во врска со случајот соопшти дека шефот на обезбедувањето на Гаши, со уште двајца членови на тимот, по наредба на спикерот, дошол пред ВИП-салонот на аеродромот, дури и репетирал пиштол и влегол во конфликт со полицајците стационирани таму барајќи одговор зошто се инсистирало косовската претседателка да помине низ безбедносна контрола на аеродромот.
Гаши во изјава за медиумите ден по инцидентот рече дека го пратил обезбедувањето да ја смири ситуацијата и да не се направи дипломатски инцидент.
Инаку, досега во однос на овој случај кривична пријава заработи началникот на Одделението за лично обезбедување на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој е и отстранет од работното место по инцидентот.
Од МВР информираа дека кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение дека лицето С. С. сторило две кривични дела – загрозување на сигурноста по член 144 од Ккривичниот законик (КЗ) и спречување службено лице во вршење службено дејстиве по член 382 од КЗ.
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот косовски колега Албин Курти на заедничка прес-конференција во понеделникот по повод посетата на Курти на земјава одговарајќи на новинарско прашање кажаа дека очекуваат правна разрешница за инцидентот и уверуваа дека тоа нема да влијае на дипломатските односи меѓу двете земји.
Од кабинетот на Вјоса Османи, пак, реагираа дека прес-конференција на двајцата премиери била за жалење бидејќи, според нив, придонела за ширење пропаганда против Република Косово. Оттаму кажаа дека претседателката на Република Косово никогаш не побарала пречекорување или прекршување на процедурите, туку почитување на меѓународните правила, како што се прави во целиот свет.
Во официјалната реакција оттаму се оценува и дека ситуацијата со инцидентот лесно може да се надмине, ако има политичка волја од Скопје.
За инцидентот не стивнуваат и партиските реакции. Левица поднесе интерпелација на Гаши, а од СДСМ истакнаа оти очекуваат тој да го напушти спикерското столче.
Целта на интерпелацијата поднесена за работата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, е да се предизвика политички земјотрес и да се стави на тест владиното мнозинство, реагираат од коалицијата „Вреди“.
За владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, не е потребна смена на собранискиот спикер. Тие сметаат дека обвинувањата од опозициските партии се обиди „да се ќарат политички поени“.
Дека нема кривичноправна одговорност кај претседателот на Собранието, Африм Гаши, во врска со инцидентот на скопскиот аердром со косовската претседателка, кажа и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Како што кажа тој, согласно доставените докази не е утврдена одговорност согласно доставените докази. Единствена кривична одговорност, според министерот, во овој случај согласно доказите, има полицискиот службеник, дел од обезбедувањето на спикерот Гаши, чие однесување го оцени како недозволиво.