Кабинетот на Вјоса Османи уште еднаш реагира по вчерашната прес-конференцијата на премиерите на Северна Македонија и Република Косово
Од кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи денеска повторно реагираа за инцидентот на скопскиот аеродром. Оттаму велат дека претседателката на Република Косово никогаш не побарала пречекорување или прекршување на процедурите, туку почитување на меѓународните правила, како што се прави во целиот свет.
Според соопштението, претседателката на Косово ја претставува државата внатре и надвор. И покрај екстремно строгите безбедносни правила на аеродромите во голем број земји, тие го прифаќаат претседателот на државата како највисок претставник на државата и никогаш не бараат да се скенира ниту личната торба, камоли телефонот, а уште помалку да бараат скенирање на целото тело бидејќи тоа, меѓу другото, би значело дека тие го третираат шефот на државата – значи и државата – како потенцијален ризик од тероризам, се нагласува во соопштението.
Според реакцијата од кабинетот на Вјоса Османи, вчерашната прес-конференција на двајцата премиери на Косово и Северна Македонија била за жалење бидејќи, како што се наведува, придонела за ширење пропаганда против Република Косово.
„Начинот на кој беше претставен инцидентот во Скопје на вчерашната прес-конференција е за жалење бидејќи уште повеќе придонесе за пропагандата против Република Косово. Она што се случи на аеродромот во Скопје е јасно прекршување на меѓународните правила признати и применувани во светот, па затоа Претседателството очекува да биде известено за преземените мерки во врска со овие прекршувања, како што беше истакнато во протестната нота упатена од Република Косово“,
се вели во соопштението на кабинетот на Вјоса Османи.
Од кабинетот на косовската претседателка велат дека го поздравуваат изразувањето жалење од страна на премиерот Христијан Мицкоски, но додаваат дека досега институциите на Северна Македонија во ниту еден момент не се осврнале на прашањата покренати во протестната нота.
„Иако го цениме изразувањето жалење од страна на премиерот на Северна Македонија, за жал, досега институциите на Северна Македонија во ниту еден момент не се осврнаа на прашањата покренати во протестната нота поврзани со кршењето на меѓународното право во однос на Републиката Косово. Напротив, отворено и без никакво двоумење прифатија такво прекршување. За ова не се потребни дополнителни извештаи и истраги за ниту една фактичка состојба бидејќи тие се целосно ирелевантни пред јавното прифаќање на институциите на Северна Македонија дека ваквото правило е намерно наметнато, и покрај јасните барања на меѓународното право“,
се додава во соопштението на кабинетот на Османи.
Оттаму додаваат дека претседателката Османи во текот на својата политичка кариера, а особено во текот на мандатот како претседател на државата, придонела за развој и продлабочување на позитивните односи со Северна Македонија, но таа не може никако да го прифати потценувањето на Република Косово.
Од кабинетот на Османи додаваат дека оваа ситуација лесно може да се надмине доколку се има политичка волја од официјално Скопје.
Инцидентот од четвртокот на скопскиот аеродром во кој беше инволвирана косовската претседателка Вјоса Османи, беше една од темите на разговор на вчерашната средба помеѓу македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот косовски колега Албин Курти во Скопје.
На новинарско прашање дали инцидентот на меѓународниот аеродром „Скопје“ ќе ги влоши односите помеѓу двете земји, премиерот Мицкоски рече дека два вакви слични инциденти се случиле и на 16 септември и 9 октомври минатата година, а разликата помеѓу тогаш и денес е што сега, според него, постои јавност која е информирана за разлика од минатото кога овие два случаи не биле обзнанени. Иако не сакаше да навлегува во детали за тоа што точно се случувало минатата година, Мицкоски рече дека постојат политичари кои сакаат да спечалат ситни политички поени и кои ќе се обидуваат и во иднина да влијаат негативно во меѓусебните односи помеѓу владите на двете земји, но дека нема да успеат.
По инцидентот на аеродромот, началникот на Одделението за лично обезбедување на претседателот на Собранието Африм Гаши доби кривична пријава и е отстранет од работното место. Од Министерството за внатрешни работи вчера информираа дека кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение дека лицето С.С сторило две кривични дела – загрозување на сигурноста по член 144 од КЗ и спречување службено лице во вршење службено дејстиве по член 382 од КЗ.