Индискиот премиер Нарендра Моди и кинескиот претседател Си Ѓинпинг изразија загриженост за војната без да ја напуштат реториката во одбрана на Москва
Во своето обраќање, кинескиот претседател Си предупреди на „вооружување“ на храната и енергијата, односно нивно користење како оружје, и додаде дека се спротивставува на нуклеарната војна во сите околности, забелешки кои фрлаат сенка врз постојаните закани на Русија за употреба на тактичко нуклеарно оружје во Украина
Русија се бори да спречи дипломатска изолација на самитот на Г-20 што се одржува во Бали, Индонезија, бидејќи нејзините традиционални сојузници – Кина и Индија – почнаа да се дистанцираат од војната во Украина, за која во нацрт-коминикето се вели дека предизвикала невидена економска штета на светот, пишува „Гардијан“.
Индискиот премиер Нарендра Моди и кинескиот претседател Си Ѓинпинг изразија загриженост за војната без да ја напуштат реториката во одбрана на Москва.
Американските функционери и понатаму притискаат во коминикето да ѝ се припише поголема вина на Русија. Нацртот вклучува јазик во кој се истакнува „повеќето членови силно ја осудија војната во Украина“ и нагласува дека „тоа предизвикува огромно човечко страдање и ја влошува постојната кревкост на глобалната економија“.
Домаќинот на самитот, Индонезија, се обидува да ги сведе референциите за војната на минимум тврдејќи дека Г-20 не е безбедносен форум и дека повторувањето на добро познатите позиции ќе го спречи напредокот околу прашањата како што се глобалниот долг и закрепнувањето по пандемијата.
Самитот што се одржува на индонезискиот остров Бали е прв на кој лидерите на Г-20 се среќаваат по руската инвазија на Украина во февруари, која Москва ја опиша како „специјална воена операција“. Војната и грижите за глобалната инфлација, безбедноста на храната и енергијата ги засенија другите теми на состанокот.
Во своето обраќање, кинескиот претседател Си предупреди на „вооружување“ на храната и енергијата, односно нивно користење како оружје, и додаде дека се спротивставува на нуклеарната војна во сите околности, забелешки кои фрлаат сенка врз постојаните закани на Русија за употреба на тактичко нуклеарно оружје во Украина.
„Ние мора цврсто да се спротивставиме на политизацијата, инструментализацијата и користењето на храната и енергијата како оружје“,
рече Си.
Моди рече дека е неопходно да се признае дека Обединетите нации потфрлиле како мултилатерална институција, со што се врши поголем притисок врз Г-20 да најде решенија. Тој рече дека е време за прекин на огнот и дипломатијата да дојде до израз.
Во видеообраќањето што рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров „внимателно“ го пропушти престојувајќи во неговиот хотел, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека е време војната да се прекине и раче дека таа предизвикала илјадници смртни случаи. Но, тој нагласи дека прекин на огнот е возможен само кога вооружените руски војници ќе ја напуштат територијата на Украина.
„Убеден сум дека сега е моментот кога руската деструктивна војна мора и може да се запре. Тоа ќе спаси илјадници животи“,
рече Зеленски носејќи ја својата веќе препознатлива зелена војничка маичка.
Како што анализира „Гардијан“, зборувајќи на украински пред највлијателната публика на која не ѝ се обратил од почетокот на војната, Зеленски се обиде да се претстави како човек подготвен да постигне договор со Русија, но само под услови што го штитат украинскиот суверенитет и ја препознава храброста со која неговите војници се борат да ја заштитат својата татковина.
Во одговорот до кинескиот претседатели, тој ги осуди „лудите закани со нуклеарно оружје на кои прибегнуваат руските власти. Има и не може да има никакви оправдувања за нуклеарна уцена“, додаде тој заблагодарувајќи ѝ се на „Г-19“ (исклучувајќи ја реторички Русија) што „тоа јасно го ставија до знаење“.
Според Ванг Ји, кинескиот министер за надворешни работи, Си, за време на билатералната средба вчера, му рекол на американскиот претседател Џо Бајден дека „не треба да се користи нуклеарно оружје и да не се водат нуклеарни војни“.
Украинскиот лидер, исто така, повика на проширување и на неодредено продолжување на договорот за жито, постигнат со посредство на ОН и Турција во јули.
Голем дел од дипломатските „превиткувања раце“ на Г-20 се фокусираат на условите со кои Русија ќе дозволи договорот да продолжи. Таа веќе еднаш ја прекина соработката, велејќи дека Западот не направил доволно за да ги убеди осигурителните и бродските компании да дистрибуираат руска пченица и ѓубрива.
Русија и Украина сочинуваат околу 30 отсто од светскиот извоз на пченица и јачмен. Руската инвазија блокираше 20 милиони тони жито во нејзините пристаништа до постигнувањето на договорот во јули. Русија вели дека договорот за извоз е само делумно спроведен.
Договорот за жито беше редок дел од дипломатската сончева светлина, но тој истекува овој петок и не се знае дали ќе биде продолжен.
Договорот со кој се дозволува извоз покрај руската морнарица од три украински поморски пристаништа е клучен за намалување на цените на житото.
Спорот за иднината на договорот за жито е дел од пошироката дипломатска битка меѓу Русија и Западот за да се убеди скептичкото мислење на глобалниот југ дека правото е на нивна страна. Во својот говор, Зеленски, свеж од посетата на Херсон, град кој беше повторно освоен од украиснките сили даде малку основа за условите за какво било мировно решение, пишува „Гардијан“.
Зеленски рече дека таков договор може да биде потпишан на меѓународна конференција, додавајќи дека од Русија ќе се бара да предаде дел од својот имот како компензација за обнова на Украина. Со симболично гласање, Генералното собрание на ОН во понеделникот гласаше за одобрување на резолуцијата со која се признава дека Русија мора да и плати репарации на Украина, во необврзувачки потег поддржан од 94 од нејзините 193 членки.