Пензионираниот поранешен генерал на израелската војска, сега министер без ресор и дел од воениот кабинет на Нетанјаху, додал дека офанзивата ќе биде извршена во координација и по разговори со Соединетите Американски Држави (САД) и Египет за да се олесни евакуацијата и да се минимизираат цивилните жртви колку што е можно повеќе
Израел ќе ја започне најавуваната офанзива на градот Рафах на југот на Газа следниот месец доколку Хамас не ги ослободи преостанатите заложници што ги држи во енклавата до почетокот на Рамазан, изјави членот на израелскиот воен кабинет Бени Ганц, пренесува британски „Гардијан“ повикувајќи се на агенцијата Франс прес.

„Светот мора да знае и лидерите на Хамас мора да знаат – ако до Рамазан нашите заложници не се дома, борбите ќе продолжат насекаде, вклучително и во областа Рафах“,
изјавил Ганц, според агенцијата.
Пензионираниот поранешен генерал на израелската војска, сега министер без ресор и дел од воениот кабинет на Нетанјаху, ова го кажал на конференција на американските еврејски водачи што се одржал вчера во Ерусалим.
Слични коментари за временската рамка на најавуваната офанзива, според „Тајмс оф Израел“, дал во петокот. Сепак, израелската влада досега не излезе со прецизни рокови за планираниот напад врз градот на југот на Појасот Газа, во кој повеќе од 1,7 милиони Палестинци побараа засолниште откако беа раселени од други региони на Појасот поради копнената офанзива на Израел.
Инаку, светиот муслимански месец Рамазан почнува на 11 март.
Ганц додал дека офанзивата ќе биде извршена во координација и по разговори со Соединетите Американски Држави (САД) и Египет за да се олесни евакуацијата и да се минимизираат цивилните жртви колку што е можно повеќе.
Сепак, останува нејасно каде луѓето засолнети во Газа ќе можат безбедно да се преселат во опколениот Појас Газа, пишува „Гардијан“.
Стравувањата за судбината на цивилите беа повод странските влади и хуманитарни организации постојано да бараат од Израел да не влегува во Рафах, последниот голем град во Газа, кој не беше нападнат од копнените трупи за време на четиримесечната војна меѓу Израел и Хамас.
И покрај зголемениот меѓународен притисок, вклучително и директниот апел од американскиот претседател Џо Бајден, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху инсистира дека војната не може да се заврши без притисок врз Рафах.