Целта на мерката, како што посочуваат од Фондот за здравствено осигурување, не е само што ги намалуваме трошоците за осигурениците, туку создавање услови значително поголем број жени да бидат опфатени со современи превентивни тестирања
Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) донесе одлука за намалување на референтните цени на ХПВ-тестот и ликвидниот ПАП-тест – два важни теста за рано откривање на рак на грлото на матката.

Според одлуката, која е веќе во сила, референтната цена на ХПВ-генотипизацијата се намалува од 5 500 на 3 310 денари, а партиципацијата за пациентките се намалува од 550 на 350 денари. Кај ликвид ПАП-цитологијата, цената се намалува од 2 200 на 1 250 денари, а партиципацијата се намалува од 250 на 150 денари. Цената на конвенционалниот ПАП-тест останува без промена и изнесува 600 денари.
Ревизијата на цените, како што велат од ФЗО, е направена врз основа на реалните фактурирани услуги во 2025 г.
„Анализата покажува дека со задржување на истото ниво на финансирање бројот на достапни тестирања значително се зголемува, и тоа ХПВ-тестирање од 13 466 теста на 22 375 тестови годишно – зголемување од 8.909 теста (+66,2 отсто) и ликвид ПАП-цитологија: од 2 427 теста на 4 271 тест годишно – зголемување од 1 844 теста (+76,0 проценти). За ист финансиски влог значително поголем број жени ќе може да бидат опфатени со скрининг, вклучително и жени што досега поради финансиски причини не пристапувале кон овие превентивни прегледи“,
посочуваат од Фондот за здравствено осигурување.
Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, на денешната прес-конференција рече дека мерката е насочена кон поефикасно користење на средствата и подобрување на достапноста на здравствените услуги.
„Со оваа мерка не само што ги намалуваме трошоците за осигурениците, туку создаваме услови значително поголем број жени да бидат опфатени со современи превентивни тестирања. Нашата цел е средствата што ги обезбедува Фондот да се користат поефикасно, а здравствените услуги да бидат подостапни за граѓаните. Раното откривање на болестите спасува животи и затоа вложувањето во превенција останува наш приоритет“,
порача Клековски.
