Протестите предизвикаа нарушување на јавниот сообраќај – сообраќал секој трет брз воз, електрани пријавиле намалено производство на струја, а огромен број вработени во рафинериите исто така денеска не работеа
Франција се соочува со вториот масовен бран протести и штрајкови против плановите на претседателот Емануел Макрон да ја зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.
Осум големи синдикати учествуваат во штрајкот кој ги засегна училиштата, јавниот транспорт и рафинериите за нафта. Протестни маршеви се одржуваат низ цела Франција и во нив денеска учествуваат стотици илјади луѓе, а во некои градови масовноста е уште поголема од првиот бран протести организиран на 19 јануари, јавува „Би-би-си“.
Од друга страна, пак, владата на Макрон продолжува да ја турка идејата за реформи која опфаќа зголемување на старосната граница за пензионирање и се очекува наредната недела тие да бидат пуштени во процедура во Националното собрание иако анкетите покажуваат дека дури две третини од гласачите се против.
На главниот протест денеска во центарот на Париз излегоа илјадници демонстранти откако неколку часа претходно се протестираше и во Тулуз, Марсеј, Ница, Сен Назер, Нант и Рен итн.
Околу 11 000 полицајци беа распоредени да ги одржуваат редот и мирот на протестите.
„Господинот Макрон сигурно ќе загуби. Никој не ги сака неговите реформи и колку повеќе време минува толку е поголемо противењето на нив“,
изјави лидерот на крајната десница Жан-Лук Меланшон, кој присуствување на протестот во Марсеј.
Протестите предизвикаа големи нарушување во јавниот транспорт, сообраќаше само секој трет брз воз, а само две метро линии возеа нормално во Париз. Според информациите од синдикатите, од вработените во рафинериите на компанијата „Тотал енерџис“ на штрајк излегле најмалку три четвртини од работниците, иако од компанијата тврдат дека бројот е далеку помал.
Електраните, исто така, пријавиле намалено производство на струја бидејќи вработените во најголемата компанија за електрична енергија ЕДФ, ги поддржаа протестите.