Францускиот претседател, Емануел Макрон, најави дека земјата од петок ќе биде повторно под карантин и дека луѓето ќе може да излегуваат од дома за извршување на неопходните обврски.
Како што најави Макрон во телевизиско обраќање до нацијата, луѓето ќе може да одат на работа, да одат на лекар, а училиштата засега ќе останат отворени. Но, приватни собири ќе бидат забранети, а рестораните и баровите нема да работат.
Карантинот најверојатно ќе трае до крајот на ноември.
Макрон рече дека граѓаните ќе треба да пополнат формулар во кој ќе ги наведат причините зошто ги напуштаат домовите, како што тоа се правеше за време на првиот карантин во март.
Во Франција, во моментов бројките на нови случаи на ковид-19 се највисоки од април досега. Со последните податоци регистрирани беа околу 33 илјади нови случаи на коронавирусот во еден ден.
Макрон рече дека земјата е зафатена од втор бран на вирусот и нема сомнежи дека справувањето ќе биде потешко отколку со првиот бран.