Во спомен на жртвите од трагичната несреќа во Кочани, државните знамиња поставени на јарболите се спуштени на половина копје
Во спомен на жртвите од трагичната несреќа во Кочани, од денеска е седумдневна жалост на територија на цела држава. Националното знаме на земјава денеска се вее на половина копје.













Ваквата одлука беше донесена на вчерашната вонредна владина седница, по трагичниот настан што се случи вчера наутро во Општина Кочани каде во несреќен случај при пожар на дискотека животот го загубија 59 млади лица, а над 100 луѓе се хоспитализирани и им се укажува лекарска грижа.
Сите планирани настани во установите од областа на културата во текот на оваа недела се откажуваат, информира Министерството за култура и туризам.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) вчера преку соопштение им укажа на медиумите дека треба да го усогласат своето работење со деновите на жалост.
„Медиумите да емитуваат/објавуваат содржини кои по својата медиумска функција одговараат на деновите на жалост. Музиката што ќе ја емитуваат да биде од музички жанрови соодветни за денови на жалост, а емитувањето на забавните шоу програми, хумористичните емисии или играната програма од жанрот комедија да се одложи по нивното завршување. Воедно, до завршувањето на деновите на жалост треба да се одложи и емитувањето реклами, односно сите форми на комерцијални комуникации“,
наведуваат од АВМУ.
За време на деновите на жалост радиодифузерите се ослободени од обврската за емитување одреден процент домашна музика.
Агенцијата ги повикува медиумите да продолжат да известуваат професионално, да внимаваат на достоинството на жртвите, повредените и нивните семејства и при информирањето да користат проверени извори и релевантни соговорници.