Снимките објавени од државните медиуми покажуваат 11 интерконтинентални балистички ракети „Хвасонг-17“ за кои се верува дека се способни да погодат цели каде било во светот со нуклеарна боева глава. Ракетата „Хвасонг“ првпат беше тестирана минатата година
Северна Кореја го покажа својот нуклеарен арсенал на ноќна парада, со повеќе интерконтинентални балистички ракети (ИЦБМ) од кога било досега, објавија државните медиуми. Парадата се одржа на 75-годишнината од основањето на севернокорејската армија, објави новинската агенција КЦНА.
Водачот Ким Јонг-ун присуствуваше на парадата со својата ќерка, која еден ден би можела да го наследи нејзиниот татко на чело на наследната диктатура. Северна Кореја со интерконтинентални балистички ракети ги покажа своите најголеми нуклеарни способности досега, а на парадата можеше да се види и тактичко нуклеарно оружје.
Снимките објавени од државните медиуми покажуваат 11 интерконтинентални балистички ракети „Хвасонг-17“ за кои се верува дека се способни да погодат цели каде било во светот со нуклеарна боева глава. Ракетата „Хвасонг“ првпат беше тестирана минатата година.
Пјонгјанг продолжува да ја развива својата програма за балистички проектили тестирајќи сè поголем број напредни ракетни системи и покрај резолуциите и санкциите на Советот за безбедност на ОН.
„Северна Кореја го проширува својот арсенал на тактички и ракети со долг дострел. Пораката што Пјонгјанг ја испраќа до меѓународната заедница со демонстрирање на своите способности за одвраќање и принуда, најверојатно, ќе дојде во форма на тестирање на наведувани проектили со цврсто гориво и детонирање минијатурни нуклеарни уреди“,
рече професорот Леиф-Ерик Исли од Универзитетот Евха во Сеул.
Развојот на ИЦБМ со цврсто гориво е една од клучните цели на Северна Кореја. Ваквите нуклеарни проектили потешко се откриваат и уништуваат за време на конфликт.