Градоначалничката Арсовска, пак, пред два им порача да излезат да протестираат пред штабовите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ бидејќи станува збор за долгови што се акумулирани од периоди кога нивни директори раководеле со ЈСП
Приватните превозници ги паркираа дел од своите автобуси пред бараките на Град Скопје на булеварот „Илинден“, откако вчера од „Слобода превоз“ објавија дека стапуваат во штрајк.
Во моментов блокирана е само една од лентите на булеварот, а во наредните денови, како што вчера најавија, се размислува и за блокада на улици.





Приватните превозници кои се дел од јавниот превоз во Скопје бараат ЈСП да ги исплати долговите кон нив кои, како што тврдат, изнесуваат речиси 62 милиони денари кон „Слобода превоз“ и над 30 милиони денари кон „Макекспрес“.
Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, вчера на прес-конференција рече дека конкретно кон нив се должат пари за месеците септември и октомври, а делумно и за август.
„Не бараме веднаш исплата на целиот голем долг, туку да имаме редовни уплати за да може да се извршуваат редовните работи, да има нафта во автобусите“,
рече денеска Јовановски.
Арсовска, пак, еден ден претходно на прес-конференција им порача да излезат да протестираат пред штабовите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ бидејќи станува збор за долгови што се акумулирани од периоди кога нивни директори раководеле со ЈСП.
„Од 1.6.2022 година до овој момент исплатени се 111 милиони денари од вкупно фактурирани 120 милиони денари обврски кон ‘Слобода превоз’. Што се однесува до ‘Макекспрес’ од истиот датум има фактурирано 44 милиони денари и сите тие се платени. Затоа ги повикувам претставниците на ’Слобода превоз‘ и ’Макекспрес‘ овие протести што ги најавуваат да ги префрлат пред седиштата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ чиишто директори ги генерирале долговите што сега тие сакаат да го претставуваат како неуспех на градското раководство и на новото раководство на ЈСП кое ги решава проблемите и сите долгови што се изгенерирани изминатите години“,
рече Арсовска во понеделникот.
Таа тогаш ги обвини приватните превозници и дека не издаваат фискални сметки за билетите на патниците, не одржуваат хигиена во автобусите и не доаѓаат навреме на автобуските постројки. Од „Слобода превоз“, пак, ги демантираа сите наводи од градоначалничката и порачаа дека бараат само да им се исплатат долговите.