Она на што градоначалничката се сомнева дека е главната причина за протестите и штрајковите што ги најавуваат приватните превозници е што претходно им најавија дека автобусите ќе мора да им бидат со еколошки стандард еуро4
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска, ги повика приватните превозници за парите што им ги должи ЈСП да протестираат пред седиштата на двете најголеми партии бидејќи поранешните директори од нивните редови ги направиле долговите на сообраќајното претпријатие.
Таа на прес-конференција тврдеше дека долговите додека таа е градоначалничка се исплаќаат, а за тоа на прес-конференција попладнево наведуваше и конкретни бројки за последните шест месеци.
„Од 1.6.2022 година до овој момент исплатени се 111 милиони денари од вкупно фактурирани 120 милиони денари обврски кон „Слобода превоз“. Што се однесува до „Макекспрес“ од истиот датум има фактурирано 44 милиони денари и сите тие се платени. Затоа ги повикувам претставниците на ’Слобода превоз‘ и ’Макекспрес‘ овие протести што ги најавуваат да ги префрлат пред седиштата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ чиишто директори ги генерирале долговите што сега тие сакаат да го претставуваат како неуспех на градското раководство и на новото раководство на ЈСП кое ги решава проблемите и сите долгови што се изгенерирани изминатите години“,
рече Арсовска.
Градоначалничката ги обвини приватните превозници дека не се придржуваат до договорите, па така наведе дека не издаваат фискални сметки на патниците, за што повика контрола на терен да направи и УЈП. Исто така, тврди дека има голем број на поплаки изминатите месеци дека автобусите доцнат, а и не се одржува хигиена на задоволително ниво.
Меѓутоа, она на што таа се сомнева дека е главната причина за протестите и штрајковите што ги најавуваат приватните превозници е што претходно им најавија дека автобусите ќе мора да им бидат со еколошки стандард еуро4.
„Тие имаат склучено договор со ЈСП на две години,за разлика од претходните повеќегодишни договори и тоа со причина што во моментот кога го склучивме овој нов договор апелиравме дека ќе имаат обврска да ги усогласат еколошките стандарди со она што е неопходно за Скопје да не биде континуирано загадувано од емисија на штетните гасови. Сметам дека удел во ова што сега се обидува да се исполитизира има и тоа што не верувам дека тие преземаат мерки да се усогласат на еколошкиот стандард односно на она што го најавивме за нивниот возен парк да се има возила со минимум еуро4 стандард. За жалење морам да констатирам и сметам дека токму ова можеби е причината зошто се најавуваат ваквите протести“,
рече Арсовска.
Автобусите на „Слобода превоз“, кои сообраќаа на линиите 9, 12, 22, 23 и 45 од денеска не возат, но градоначалничката тврди дека на истите линии сообраќаат автобуси на ЈСП.
Градските власти денеска имаа средба со претставниците на „Слобода превоз“, но тој заврши без договор.
„Иако состанокот беше напорен и траеше толку долго за жал не можам да кажам дека се договоривме за нешто конкретно. Заклучокот беше дека Градот Скопје во моментов не може финансиски да помогне и да гарантира со одредена сума заради тоа што ребалансот на буџетот сè уште не е поминат и дека единствено што може да се зборува за решавање на состојбата е дури после 40 дена со новиот буџет“,
изјави Јовановски на денешната изјава за медиумите по средбата со генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров.
Тој најави дека допрва ќе имаат средба со превозниците и дека тие ќе одлучат за понатамошните постапки во однос на евентуални протести или на штрајк, иако постои можност за раскинување на договорот ако падне превозот под 80 проценти.
Крајот на октомври, пак, линиите кои ги држеше приватниот превозник „Макекспрес“ – 19, 20, 22, 52 и 54, престанаа да сообраќаат.