Догаснувањето веројатно ќе трае цела ноќ
Пожарот кој попладнево избувна во „Жито Битола“, вечерва е ставен под контрола.
Според заменик командирот на ТППЕ Битола, Горан Димкоски, екипите на противпожарната единица во моментот вршат догаснување на делот од главната зграда, кое најверојатно ќе трае до утринските часови.
Направена е замена на противпожарната екипа на терен која гаснеше четири часа, со нова екипа која ќе ја контролира ситуацијата во текот на ноќта.
Повредени нема, но причинета е голема материјална штета.
Општина Битола соопшти дека во гаснењето на пожарот биле вклучени 29 пожарникари со 9 противпожарни возила, а на барање на градоначалникот, Тони Коњановски, огнот се гасел и со две возила за дотур на вода од ЈП Водовод и РЕК Битола.
Со објектот сега стопанисува фирмата „Ангро механизација – Жито Битола“, во чиј состав има пекара, млин и силос.
Првичните информации се дека пожарот настанал на кровот, кој целосно е изгорен.
Опожарената зграда се наоѓа во индустрискиот дел на Битола, каде по неколкучасовен прекин, овој дел од градот вечерва повторно доби струја.