Граѓаните што екипата на „360 степени“ денеска претпладне ги затекна низ центарот на Скопје ја почитуваа мерката за носење заштитна опрема. Иако беше најавено дека полицијата до почетокот на мај само ќе ги опоменува граѓаните што не носат маска, по сликите од викендот за непочитување на мерката, министерот за здравство Венко Филипче најави дека уште денеска Комисијата за заразни болести до Владата ќе предложи санкционирањето за неносење лична заштита (маска, марама, шал…) да почне веднаш.

Казна од 20 евра е предвидена за граѓаните што ќе бидат затекнати на јавни површини без заштитна опрема како маска, марама или шал, со кои треба да го покријат лицето како превенција од ширење на ковид-19.
За правните лица што нема да обезбедат заштитна опрема на своите вработени, пак, казната е 2 000 евра, а за одговорното лице во фирмата казната е 500 евра.
Според владината уредба со законска сила, има само неколку исклучоци и тоа за лице/a кое:
– носи посебна лична заштита на лицето во рамки на извршувањето на работните задачи;
– престојува во двор на станбена семејна куќа;
– вози велосипед или спортува на отворено како индивидуални спортски активности;
– патува во патничко моторно возило со лица со кои лицето живее во заедница или домаќинство или
– се движи на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метри од друго лице..
Целта на носењето маски, дури и на отворен простор на кој не може да се држи растојание поголемо од два метри, е да се намали можноста за пренесување на ковид-19. Во повеќе јавни настапи, стручните лица објаснуваа дека заштитата на устата или носот пред сѐ ја намалува можноста носител на вирусот да зарази други лица. Секундарна придобивка би требало да биде спречување на допири на устата или носот со рацете, кои можеби се контаминирани по допир на јавни површини.



