И на вечерашните трибини Ахмети во повеќе населени места во Гостиварско бил придружуван од Талат Џафери и Крешник Бектеши кои и овој пат во партиското соопштение се атрибуирани како претседател на Собранието, односно министер за економија и покрај тоа што станува збор за нивно учество на партиски настан
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на вечерашните трибини во повеќе населени места во Гостиварско меѓудругото порачал дека со странски експерти ќе започнат ветинг во судството и обивнителството.

Тој заедно со партиски функционери и соработници четврти ден по ред е на средби со сопартијци и граѓани во Гостивар и Гостиварско.
Ваквите трибини, лидерот на ДУИ заедно со неговите потесни соработници ги започна откако претходно средби со партиски членови почна да одржува т.н. „огнена група“ чии претставници, како што велат самите, се незадволни од одредени процеси во партијата и бараат смена на дел од државните функционери од редовите на партијата, пред се на првиот вицепремиер, Артан Груби.
И на вечерашните трибини Ахмети бил придружуван од Талат Џафери и Крешник Бектеши кои и овој пат во партиското соопштение се атрибуирани како претседател на Собранието, односно министер за економија и покрај тоа што станува збор за нивно учество на партиски настан.
Лидерот на ДУИ, како што е соопштено, во своите обраќања истакнал и дека партијата во овие 20 години инвестирала во обука на кадри и оти се гордее со нив.
„Се гордеам со кадрите кои ни го белеат образот. Ме прават среќен затоа што се огледало на државата, а тоа ме прави неуморен да продолжиме и да одиме напред. Додека зборуваме, Бујар (министерот за надворешни работи, Бујар Османи н.з.) се враќа од Украина. Скринингот што започна кај нас се прави за земјите кои бараат влез во ЕУ. Земјите од ЕУ треба да споделуваат фондови за да можеме да ги усогласиме стандардите со нив. Односите со соседите се наш приоритет, како и одржувањето на стабилноста…Нашата цел е зајакнување на државата, економијата и правдата. Почнувајќи од мене, ќе го започнеме ветингот, судството и обвинителството да бидат чисти и правични, со експерти од странство“,
нагласил Ахмети на вечерашните трибини, се наведува во соопштението од ДУИ.
Тој посочил и дел од инфраструктуните проекти како Коридорот 8 и сувото пристаниште во Струга, нагласувајќи дека членството на земјата во Европската Унија е бенефит за идните генерации.
„Со трпение, свежина и мудрост, процесите се движат напред. Може ли подобро, да, на доброто му нема крај. Не дека јас сум претседател, ДУИ е партијата со најголема внатрешна демократија. Работиме добро и внатре и во институциите. Каде има поголема демократија од избор по принципот еден член еден глас?“,
порачал Ахмети.
Сојузот што го направивме со Ахмети е сојуз со нашата младина, а другиот сојуз е со народот, рекол Талат Џафери во своето обраќање.
„Денес нашата младина е со оние кои заслужуваат да ги носат процесите на свои плеќи. Не треба да се спротивставуваме затоа што имаме еднакви права. За тоа што го направивме, не треба да се обвинуваме меѓусебно затоа што таа проценка ја даваат граѓаните“,
истакнал Џафери, најверојатно алудирајќи на активностите на членовите на „огнената група“.






Бектеши, пак во своите говори посочил дека заедно со Ахмети, првиот вицепремиер Артан Груби донел неколку одлуки за доброто на граѓаните и фирмите.
„Средствата за прв пат се поделени подеднакво, додека во минатото имаше дискриминација. На оние региони кои беа маргинализирани сега дополнително ќе им се помага“,
рекол Бектешки, кој во Владата ја извршува функцијата министер за економија.
Вјолца Латифи Адеми, која е пратеничка во Собранието, пак истакнала дека многу партии албански и македонски се обиделе да ја победат ДУИ, но Ахмети успеал сите нивни лидери да ги испрати во политичка пензија.
„Се обидоа да ја победат ДУИ, но Али Ахмети со својата смиреност ги испрати, од Црвенковски до Груевски. Денешните партии воопшто не се конкуренти, бидејќи Ахмети е лидер во кој Албанците гледаат надеж. Дејствата го прават човекот бесмртен, вели една поговорка. Нашата работа е да ја направиме европска Македонија реална и опиплива, а ДУИ е инструментот преку кој тоа ќе го постигнеме“,
нагласила Латифи, се наведува во соопштението.