Висококатниците кои треба да се изградат кај „Холидеј Ин“ предвидено е да имаат 400 станови во кои би требало да живеат околу 1 200 до 1 300 луѓе, рече архитектот Мартин Пановски во гоствуање на Телма, каде беше презентирана и фотографија од изгледот на проектот.
Ахритектот Пановски тврди дека проектот е со пешачко движење, отворена комуникација кон плоштад и зеленило.
Пред два дена, СДК.мк објави дека сопствениците на земјиштето на просторот кај хотелот „Холидеј ин“ во најстрогиот центар на Скопје наскоро ќе почнат со градење на три згради со катност од 15, 20 и 25 ката.
Според порталот, фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква, преку фирмата „Обновители“, уплатиле комуналии во висина од 150 милиони денари или 2,43 милиони евра и тоа 60 отсто на Град Скопје (1,4 милиони евра) и 40 отсто на Општина Центар (1 милиони евра). Претходно, Општина Центар им го одобри идејниот проект за објектите.
Со тоа, сега останува уште инвеститорите да добијат одобрение за градба и потоа слободно да градат на овој последен слободен простор во центарот на Скопје. Мораториумот за градење во централното градско подрачје повеќе не е на сила, со што инвеститорите не би имале пречка да ги добијат дозволите.
Набрзо се отвори и онлајн-петиција преку која граѓани се потпишуваат за овој проект да не се реализира. Во петицијата стои дека е предвидено проектот да се реализира во три фази. Во првата фаза изградба на станбен објект со 20 ката и височина од 80 метри, на парцелата на МПЦ. Во втората фаза изградба на станбено-деловен објект со 22 ката и височина од 15 и 88 метри. Во третата фаза – изградба на трговски центар од затворен тип со височина од 15 метри и деловна зграда – кула со 16 ката и височина од 76,5 метри.
„Планот за оваа локација не предвидува зелен простор од 20 отсто во парцела согласно со Законот за урбано зеленило, а несоодветно е решено и движењето на пешаците. Не се знае како ќе се обезбеди заштита на кејот на рекава Вардар односно отвореноста на реката кон просторот. Нејасно е како ќе се обезбеди движење на огромниот број возила по постојните сообраќајници. Се отвораат и прашањата како ќе се зачува јавниот простор и зеленилото? Дали за жителите во истата градска четврт ќе може се обезбедат пристојни услови за живот? Дали комуналните и други јавни сервиси ќе можат да ги издржат новите градби? Паркингот ќе стане еден од најгусто населените делови од светот. По одлуката на Уставниот суд за укинување на мораториумот во Центар и очекуваната уплата на комуналиите, практично останува уште добивањето градежна дозвола, по што ќе започне изградбата на висококатници спроти хотелот „Холидеј Ин“,
се наведува, меѓудругото во петицијата.