„360 степени“ на социјалните мрежи ги најде летоците од три маркети, каде што може да се видат некои од основните прехранбени производи и цената по која се продавале во текот на 2022 година. За споредба бевме сега во истите три маркети и ги евидентиравме цените на производите по кои се продаваат сега

„Бојкот за маркетите“. „Попусто попусти кога цените се исти“. Ова се паролите што деновиве се појавуваат во јавноста и на социјалните мрежи, со кои се повикуваат граѓаните утре да не пазарат во маркетите поради високите цени на основните прехранбени производи.
Најавата за бојкот на маркетите дојде откако се појавија вести за слични граѓански акции во регионот – во Хрватска, Босна и во други држави. Како реакција, пак, еден поголем синџир маркети најави акција со попусти што почнува на денот на бојкотот.
Најавата за бојкот наиде на оправдување кај целата јавност, а поддршка доби од политичките партии и од власта и од опозицијата.
Според последните податоци од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), синдикалната минимална кошничка овој месец изнесува 63 252 денари, што, споредено со таа од декември 2024 година, е зголемена за 391 денар. На четиричлено семејство овој месец за храна и пијалаци му биле потребни 23 198 денари.
За споредба, во јануари 2022 година вредноста на синдикалната минимална кошница изнесувала 35 811 денари, а од таа сума на храна и пијалаци отпаѓаат 15 317 денари.
Синдикалните кошнички ги споредивме и од декември 2024 година и истиот месец во 2022 година.
Во декември 2024 година синдикалната минимална кошничка изнесува 62 861 денари. Најмногу пари, 23 075 денари биле потребни за храна и пијалаци. Споредено со вредноста на синдикалната минимална кошница од претходниот месец, која изнесува 62 021 денари, е зголемена за 840 денари.
Но, ако се земе вредноста на синдикалната минимална кошница од истиот месец во 2022 година, може да се забележи дека лани во декември биле потребни 27 050 денари повеќе отколку пред две години.
Во декември 2022 година за храна и пијалаци на едно четиричлено семејство му биле потребни 15 317 денари, покажува синдикалната минимална кошничка на ССМ. Ова, споредено со декември лани, значи дека биле потребни 7 758 денари помалку за храна и пијалаци.
„360 степени“ на социјалните мрежи ги најде летоците од три маркети каде што може да се видат некои од основните прехранбени производи и цената по која се продавале во текот на 2022 година. За споредба, сега бевме во истите три маркети и ги евидентиравме цените на производите по кои се продаваат сега.
Кај некои од производите што ги споредивме забележлива е мала разлика во цената, но кај одредени поскапувањето е и за речиси 50 отсто.
Во еден од маркетите, јогурт што во јануари 2022 година се продавал по цена од 46 денар, сега чини 62 денари.

Во истиот маркет ориз во пакување од еден килограм во јануари 2022 година чинел 52 денари, сега е 99 денари.
Чајна вакуумирана со тежина од 295 грама во декември 2021 година чинела 95 денари, а сега истиот производ со истата грамажа чини 147 денари. Кулен, исто така вакуумиран, и со тежина од 295 грама тогаш се продавал за 99 денари, а сега е по цена од 149 денари.

Кисела павлака во канче од 850 грама чинела 92 денари, а ако се купела на акција во одреден период, за неа се плаќало 79 денари. Сега истата павлака со иста тежина се продава за 139 денари, или на акциска продажба чини 125 денари.
Десет свежи јајца во мај 2022 година чинеле 75 денари, сега во истиот маркет на акциска продажба се 81 денар, а редовната цена е 90 денари.

Руска салата спакувана во тежина од половина килограм од 98 денари во декември 2021 година сега се продава за 122 денари, но со тежина од 400 грама.
Побаравме леток и од друг маркет, и од него избравме производи како кафе и чај.
Кафе од 500 грама во февруари 2022 година чинело 199, односно 175 денари на акција. Сега истото кафе чини 289, односно 265 денари на акција.
Зелен чај со арома на мед и лимон во 2022 година бил со редовна цена од 89 денари, а сега истиот чини 105 денари.

Во овој маркет ја споредивме цената на павлака во пакување од 700 грама. Во февруари 2022 таа се продавала за 102, односно 88 денари доколку е на акција, сега истата чини 129 денари.
Мешан кашкавал што се продавал по цена од 439 денари за килограм во 2022 година, сега е поскапен на 699 денари.

Во третиот маркет споредивме цени на свежо пиле, супи, шунка, јаболков оцет, кравјо и мешано сирење и јогурт.

Во леток од овој маркет од февруари 2022 година килограм свежо пиле се продавал по редовна цена од 212 денари, а со попуст од 20 отсто тоа чинело 169 денари. Истото пиле, од истата фирма, сега чини 300 денари за килограм. Шунка во пакување од 400 грама во 2022 година се продавала за 85 денари, а сега е 164 денари. Кравјо сирење што во 2022 година чинело 290 денари за килограм, сега е поскапено на 402 денари, додека мешаното сирење од 318 денари сега се продава за 496 денари за килограм.

Јаболков оцет од еден литар што во 2022 година се продавал за 88 односно 69 денари на акција, сега чини 100 денари.
Супа со месни и гриз-топчиња во 2022 година се продавала за 53 денари како редовна цена, а сега чини 60 денари.
Цените на производите изминатите месеци постојано се движат во нагорна линија, а поради тоа беа воведувани таканаречени празнични кошнички. Но, она што беше забележливо и за што имаше реакции во јавноста беше наглото зголемување на цените пред да бидат воведени кошничките. Поради тоа инспекциските служби вршеа контроли на маркетите.
Контролите се актуелни и деновиве откако се најави бојкотот за в петок, но и откако во јавноста излезе информација дека два синџири на маркети „прават одредени изигрувања“ на законите и процедурите.
Бојкотот што се најавува за утре, освен од политичарите кои се и креатори на политиките, доби поддршка и од Организацијата на потрошувачи, од каде што предлагаат Владата да преземе подолгорочни мерки за да се заштити стандардот на граѓаните.