„Денеска тие маркети ќе подлежат на ригорозна контрола бидејќи според информациите со кои располагаме има околу 20 илјади коминтенти по синџир на маркети и ќе треба длабоко да се навлезе во тоа да видиме дали постојат вакви индиции“, вели премиерот кој најави дека и други објекти ќе бидат подложни на ваков тип контроли

Засилени контроли и итна реакција на терен е задачата што од премиерот Христијан Мицкоски денеска ја добиле во Комисијата за заштита на конкуренцијата, Министерството за економија и инспекторите во пазарната инспекција.
Мицкоски, информирајќи за денешната средба на својот фејсбук-профил, вели дека треба да се провери однесувањето на трговците и да се спречат какви било злоупотреби.
„Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите кои ќе се утврди дека го изигруваат законот и ги злоупотребуваат граѓаните и добавувачите. Заедно ќе се спротивставиме на сите кои мислат дека ќе се богатат на наша сметка“,
пишува Мицкоски во објавата.
На средбата со Мицкоски бил од претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Малинка Силјановска Николиќ, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши и неговиот заменик Марјан Ристески и директорот на пазарната инспекција Влатко Стојкоски.
За средбата Мицкоски информираше и денеска во изјава за медиумите каде рече дека на неа биле договорени чекорите што ќе бидат преземени уште од денеска, а кои следуваат откако на вчерашната прес-конференција од страна на новинар беа потенцирани два синџири на маркети кои „прават одредени изигрувања“ на законите и процедурите.
„Денеска тие маркети ќе подлежат на ригорозна контрола бидејќи според информациите со кои располагаме има околу 20 илјади коминтенти по синџир на маркети и ќе треба длабоко да се навлезе во тоа да видиме дали постојат вакви индиции“,
рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Истовремено тој најави дека и други објекти ќе бидат подложни на ваков тип на контроли.
Наложувањето од Мицкоски за засилени контроли вели дека е заради неодговорното однесување на поединечни трговци и трговски синџири кои заработуваат ставајќи енормни цени на производите.
„Ова меѓу другото го разбирам и како напад врз сопствената држава, граѓаните и заедничкиот интегритет. Растот на цените ја нагласува потребата за одлучна, одговорна и транспарентна акција“,
додава Мицкоски.
Тој и денеска во објавата повтори дека го разбира повикот за бојкот на маркетите како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци.
Мицкоски изнесе и сознанија што ги имал оти одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните, за што вели дека е неприфатливо и нема да биде толерирано.
Тој ги повика сите надлежни институции, но и трговците, да се однесуваат со максимална одговорност и почит кон народот.
Од вчера на социјалните мрежи се шири повик до граѓаните за бојкот на маркетите в петок
Поддршка за бојкотот дадоа и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ од каде изразија уверување дека институциите ќе се спротивстават на „забеганоста на дел од маркетите и состојбата во која без никаков индикатор што ја предизвикува инфлацијата нечовечно се зголемуваат цените на производите, што директно ја зголемува сиромаштијата“.
Од опозициската СДСМ оценија дека најавениот бојкот на маркетите е најголем пораз на погрешните политики на власта и кулминација на незадоволството на граѓаните. Оттаму ја повикаа Владата да ги прифати нивните предлози за проблемот со цените и итно да донесе мерки за заштита на граѓаните.