Од владејачката партија велат дека особено внимание вчеравечер предизвика односот на Заев со актуелното раководство, како со лидерот Венко Филипче, но и со генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ
„Синоќа на роденденот на партијата дојде да покаже дека тој се уште е врховен лидер на СДС и дека сите работат по негова насока“, се вели во реакцијата од владејачката партија
Присуството на поранешниот премиер и екслидер на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) Зоран Заев на вчерашното одбележување на 35-годишнината од формирањето на партијата, според владејачката ВМРО-ДПМНЕ повторно ги актуализира сигналите за неговото влијание врз раководството на организацијата.

Од владејачката партија велат дека особено внимание вчеравечер предизвика односот на Заев со актуелното раководство, како со лидерот Венко Филипче, но и со генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ.
„Филипче, Димитријевиќ и СДС не се оградуваат и дистанцираат од Заев, напротив аплаудираат и се восхитуваат на неговата појава“,
велат од партијата.
Како доказ за блискоста меѓу Заев, Филипче и Димитријевиќ, од владејачката партија приложија и фотографии од синоќешното присуство на екслидерот на прославата на роденденот на партијата.
Во денешната реакција од партијата се изнесуваат и обвинувања за политиките и одлуките донесени во периодот кога Заев беше на власт, вклучително и прашања поврзани со судството, економијата и националните интереси.
„Човекот кој го смени името на државата, човекот кој местеше судии и обвинители, одлучуваше за судски предмети и постапки, човекот кој земаше евро за брат му и евро за црквата, човекот кој го уништи земјоделството, образованието, културата, човекот кој го оцрни образот, јазикот и идентитетот, аболицираниот криминалец Заев, дочекан од неговите лојалисти на чело со Филипче и Димитријевиќ како врховен лидер“,
се вели во партиското соопштение.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Заев не е апстиниран ниту пет минути, а не пет години од СДСМ и политиката.
„Синоќа на роденденот на партијата дојде да покаже дека тој се уште е врховен лидер на СДС и дека сите работат по негова насока“,
додаваат од партијата.
Во соопштението се спомнуваат и наводи за комуникација со политички субјекти од регионот, вклучително и српската опозиција, при што се посочува улогата на генералниот секретар Александар Димитријевиќ.
„Последно во низата е договорот со српската опозиција за формирање на фронт преку генералниот секретар на СДС, Димитријевиќ“,
пишува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека сè додека Заев е со СДСМ, партијата нема иднина оти граѓаните не забораваат.
Дел од медиумите објавија дека Заев вчера во седиштето на партијата бил пречекан со аплауз од присутните, како и дека дел од гостите му приоѓале да се поздрават, а дел и да се фотографираат со него.
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, вчеравечер на свечената седница на Централниот одбор по повод 35-годишнината од формирањето на партијата порача дека СДСМ го носат луѓе кои веруваат во вредности, отворени институции и јавен интерес и додаде дека социјалдемократијата е заснована на меритократија, правда и одговорност.
„Јубилејот не е само повод за одбележување, туку и повик за нова, чесна и одлучна борба за праведна Македонија“,
рече тој.
СДСМ, како што рече, стои пред голема историска и политичка задача, а тоа е да ги врати надежта, правдата и европската перспектива на државата.
„Затоа СДСМ денес е тоа што бил и ќе биде секогаш – големата идеја за Македонија како пристојна, праведна и европска држава“,
заклучи лидерот на опозициската партија.
