Споделувајќи детали за заплената, од Царината велат дека нивниот мобилен тим на „Табановце“ поради основано сомневање го издвоил автобусот за детална контрола и под седиштата, како и во фабричка празнина пронашол вкупно 312 парчиња пури од различни производители
Поголема количина пури во вредност од четири илјади евра запленил мобилен царински тим од Одделението за оперативни работи по извршена контрола на автобус кој бил пријавен за влез во државата на граничниот премин „Табановце“, на македонско-српската граница.

Во случајот, како што соопштија денеска од Царинската управа, е осомничен возачот на автобусот, со иницијали К.Б., инаку македонски државјанин, кој бил вработен во компанија која врши меѓународен патен превоз.
Споделувајќи детали за заплената, од Царината велат дека нивниот мобилен тим на „Табановце“ поради основано сомневање го издвоил автобусот за детална контрола и под седиштата, како и во фабричка празнина пронашол вкупно 312 парчиња пури од различни производители.
Според проценките на Царинската управа, со шверцот на пурите бил направен обид за избегнување давачки кон државата во износ од 174 900 денари.
„Акцизните производи, кои се предмет на обид за криумчарење се запленти и со донесување наредба од ОЈО Куманово, истите ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот“,
се вели во соопштението.
Против возачот на автобусот, пак, до кумановското Основно јавно обвинителство е поднесена кривична пријава со која се товари за кривичното дело криумчарење.
Од Царинската управа велат дека ќе продолжат со засилени контроли на граничните премини, со цел спречување на нелегална трговија со акцизни производи, заштита на финансиските интереси на државата, заштита на здравјето на граѓаните и овозможување услови за фер економија.
