Македонскиот премиер го поканил турскиот претседател во возвратна посета, во текот на работната вечера, на која разговарале и за нагласениот интерес на турски компании за инвестирање во С Македонија
Северна Македонија и Турција, како сојузници во НАТО, се поврзани и со исти вредности по однос на мирот и стабилноста во регионот, преку добрососедски односи и регионална соработка, како и во борбата против тероризмот, согласно со домашното право на двете земји, како и со меѓународното право е еден од заклучоците од денешната средба и работна вечера на македонскиот премиер Зоран Заев и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
На работната вечера во Истанбул, на која присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче, Заев и Ердоган, како што информираа од Владата, разговарале за взаемните пријателски односи, исполнети со динамична соработка во повеќе области.
Заев, како што се соопштува, ја потенцирал исклучително добрата економска соработка меѓу двете земји и нагласениот интерес на турски компании да инвестираат во Северна Македонија и да ги продлабочуваат деловните и трговски врски.
Економската и трговската соработка се витални, рекол Заев и додал дека во таа насока се очекува поинтензивна динамика со новиот договор за слободна трговија, кој е во подготовка, а кој има за цел да отвори повеќе врати за турските инвеститори.
Ердоган, како што е пренесено во владиното соопштение, истакнал дека во срцата на граѓаните на Турција, Северна Македонија има посебно место, како земји кои имаат одлични односи и длабоки историски врски. Тој потенцирал дека, и покрај пандемијата, двете земји имаа одлична трговска размена во 2020 година и дека тој ќе продолжи да ги мотивира турските компании уште повеќе да инвестираат во Северна Македонија.
На средбата во Истанбул било истакнато дека Турција ќе продолжи да ја помага Северна Македонија во борбата против пандемијата, со желба да се продлабочи соработката и во областа на здравството.
Премиерот Заев изрази надеж дека претседателот Ердоган наскоро ќе ја посети Северна Македонија, како континуитет на заемните посетите на највисоко политичко ниво и како видлив придонес за унапредување на односите.