И покрај тврдењата на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски дека вчера во Градскиот парк била направена голема акција за расчистување на штетите, екипа на „360 степени“ денеска направи обиколка на паркот и се увери во спротивното – патеките и тревниците и натаму се блокирани од огромни стебла и гранки кои беа откорнати од силниот ветер
Градскиот парк во Скопје, кој претрпи значителна штета во разорното невреме што во вторникот го зафати главниот град, и натаму не е расчистен од многубројните дрвја кои беа откорнати од ветрот, чија брзина достигна и до 130 километри на час. Патеките и тревниците и натаму се блокирани од огромни стебла и гранки.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, од друга страна, објави дека по вчерашната акција за расчистување, во паркот од денеска почнува следната фаза – садење 60 нови садници на јавор и јасен.

„По вчерашната голема акција за расчистување, уште денес започнавме со засадување 60 нови садници јавор и јасен. Тие ќе донесат повеќе сенка, почист воздух и нов живот во зелената структура на паркот. И ова е само почеток! Градскиот парк ќе го оплемениме со уште повеќе дрвја, зеленило и нови содржини. На местото на секое паднато дрво ќе никне нова надеж, а паркот повторно ќе биде уште позелен, поубав и подостоен за скопјани“,
вели Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.
Екипа на „360 степени“ денеска направи обиколка низ Градскиот парк. Во продолжение ја носиме сликата оттаму.
Градскиот парк е едно од местата кои беа посериозно погодени во разорното невреме што во вторникот го погоди главниот град. Откорнати се десетици големи стебла.
