Инцидентот настана кога пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, од собраниската говорница едно од пратеничките прашања му го постави на премиерот Христијан Мицкоски, иако во писмото до собранискиот спикер најавил дека прашања ќе поставува единствено до министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски
На ова со забелешка се јави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој обвини оти пратенците од Левица ја злоупотребуваат новата алатка – поставување пратенички прашања од опозицијата, која е различна од редовните. Пратеникот Апасиев од место дофрли дека се работи за техничка грешка
Вербална расправија помеѓу пратеникот на Левица, Димитар Апасиев, и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ настана на денешната, прва по носењето на новиот Деловник, собраниска седница посветена на пратенички прашања од опозицијата. Собраниското обезбедување спречи расправијата да прерасне во физичка пресметка.

Инцидентот настана кога пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, од собраниската говорница едно од пратеничките прашања му го постави на премиерот Христијан Мицкоски, иако во писмото до собранискиот спикер најавил дека прашања ќе поставува единствено до министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Прашањето што му го постави на премерот беше – со што ексминистерката за одбрана Радмила Шекеринска ја заслужила поддршката на Владата и на претседателката на државата да биде во висока позиција во НАТО.
По Исмаил, од собраниската говорница со процедурална забелешка се јави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој обвини оти пратениците од Левица ја злоупотребуваат новата алатка – поставување пратенички прашања од опозицијата, која е различна од редовните пратенички прашања.
„Врз основа на писмата коишто ги имаат испратено опозициските пратеници е составен список од страна на претседателот на Собранието за тоа кој пратеник на кого ќе постави пратеничко прашање. Гледаме дека има извртување на целата работа затоа што пратеничката група на Левица има побарано колегата Реџеп Исмаил да постави пратеничко прашање на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски“,
рече Мицевски од собраниската говорница.
Пратеникот Димитар Апасиев, пак, од место дофрли дека се работи за техничка грешка.
Мицевски возврати:
„Во ред ако е техничка грешка. Чудно е на вакви документи да правите основни технички грешки, а се кажувате како голем правник. Добро во целата работа е што премиерот е тука и ќе одговори на ова пратеничко прашање иако морам да констатирам дека уште на првата седница сакате да ја изиграте процедурата“.
Собранискиот претседател Африм Гаши потврди дека во писмото испратено до него пишува оти пратеникот Реџеп Исмаил ќе постави прашање до министерот за надворешни работи, но повика на толеранција зашто, како што рече, ваков тип седница се одржува по првпат и поради укажувањата од Левица оти се работи за техничка грешка, ќе се дозволи прашањето да му биде поставено на премиерот Мицкоски.

Следуваа процедурални излагања на координаторот на Левица, Борислав Крмов, и на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кои ги толкуваа одредбите од Деловникот во врска со новиот тип седници за пратенички прашања.
Ситуацијата ескалира кога пратеникот Апасиев од место почна да дофрла, да упатува пцовки и да замавнува кон пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Со повишен тон кон нив извикуваше да не го споменуваат неговото семејство.
Двете пратенички групи ги раздели собраниското обезбедување, спречувајќи да настане физичка пресметка.