Вработените во Министерството за финансии побараа средба со претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, на која ќе треба да им одговори кога ќе биде донесена конечната одлука и како сите иницијативи за нивните плати се одбиваат, а таа за платите на вработените во Министерството за финансии веднаш е усвоена
Извикувајќи: „Нема плата за Уставен“ и „Деловникот не е уставен“, вработените во Министерството за финансии, кои се членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ), денеска излегоа на протест пред зградата на Уставниот суд. Протестот најавија дека ќе се одржува секој ден до крајот на оваа недела.
Оттаму тие побараа средба со претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска, на која ќе треба да им одговори на неколку прашања.
„Бараме средба со претседателката на Уставниот суд да нè прими и да ни објасни како тоа во најбрз можен рок се зема иницијативата поведена од граѓанинот против членот 66 став 3 од Законот за буџети со која се донесе времена мерка и за којашто на вработените од Министерството за финансии и на сите органи нема веќе да им се исплаќа дополнувањето на плата од 30 отсто“,
рече претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Деаноски, исто така, рече дека Кацарска ќе треба да им објасни како сите иницијативи за нивните плати се одбиваат, а таа за платите на вработените во Министерството за финансии веднаш е усвоена.
„Кога ќе биде донесена конечната одлука и дали се планира, како што се зборува, да ја поништи одредбата од Законот за да вработените ги враќаат парите што ги земаа до сега. Исто така, сакам да ја прашам и како кај нив е регулирано и на кој начин вработените во уставниот суд земаат плата, дали имаат закон, колективен договор или по некој друг подзаконски акт се зема плата и дали и кога ќе бидат земени во работа сите иницијативи кои се поднесени од сите синдикати за платите на уставните судии. До кога во нашата држава ’кадија те тужи, кадија те суди’ системот ќе функционира“,
додаде Деаноски.
Уставниот суд на 5 декември донесе одлука со која се замрзна исплатата на надополнувањето на основната плата за 30 отсто на вработените во Министерството за финансии и во другите органи на управата, кои се опфатени со автентичното толкување.
Вработените во Министерството за финансии и во другите органи на управата и вчера излегоа на протест од каде што укажаа на опасноста што следува по донесената времена мерка.
Деаноски вчера рече дека Уставниот суд треба да знае дека доколку се донесе одлука со која нема да можат работниците да го добиваат ова надополнување на плата, тоа ќе предизвика големо незадоволство што би значело дека Управата за имотно-правни работи нема да ги работи експропријациите за „Бехтел и Енка“, Бирото за јавни набавки нема да работи и ниту една институција во државата нема да има јавни набавки, а има опасност Министерството за финансии да го затвори трезорот и ниту еден вработен во јавниот сектор да не добие плата.