Уставниот суд, вели Деаноски, треба да знае дека доколку се донесе одлука со која нема да можат работниците да го добиваат ова надополнување на плата, тоа ќе предизвика големо незадоволство што би значело дека Управата за имотно-правни работи нема да ги работи експропријациите за „Бехтел и Енка“, Бирото за јавни набавки нема да работи и ниту една институција во државата нема да има јавни набавки, а има опасност Министерството за финансии да го затвори трезорот и ниту еден вработен во јавниот сектор да не добие плата
Вработените во Министерството за финансии кои се членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ) денеска излегоа на мирен протест пред зградата на Министерството каде го изразија револтот од времената мерка што ја донесе Уставниот суд на 5 декември, а со која се замрзна исплатата на надополнувањето на основната плата за 30 отсто на вработените во Министерството за финансии и во другите органи на управата, кои се опфатени со автентичното толкување.
„Зошто го направи тоа Уставниот суд и нас се уште не ни е јасно бидејќи од моментот на поднесување на иницијатива до донесување на времената мерка помина само еден месец, а Уставниот суд за наши иницијативи нема одлучено две и пол години“,
рече претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, во изјава за медиумите.
Според Деаноски, опасноста што следува по донесената времена мерка е Уставниот суд да има право да донесе одлука да ја одбие иницијативата.
„И со овие 30 отсто што ги добивме сепак платите на овие вработени беа далеку од просечната плата. Апелирам уште еднаш кога ќе се носи одлуката Уставниот суд да внимава на ретроактивноста бидејќи не смее да се носат одлуки кои се ретроактивни и да ги казни уште повеќе овие вработени. Сите вработени си ги планираа парите, земаа повеќе кредити, купија повеќе работи и сега овие пари им ги скратија на работниците. Во самиот Устав пишува дека ретроактивност на одлуките во законите не смее да има освен доколку тоа не е поповолно за работниците односно за граѓаните, а ова мора да биде поповолно за нив. Ако направи ваква одлука Уставниот суд ќе биде тоа преседан во државата“,
рече Деаноски.
Уставниот суд, додаде Деаноски, треба да знае дека доколку се донесе одлука со која нема да можат работниците да го добиваат ова надополнување на плата, тоа ќе предизвика големо незадоволство што би значело дека Управата за имотно-правни работи нема да ги работи експропријациите за „Бехтел и Енка“, Бирото за јавни набавки нема да работи и ниту една институција во државата нема да има јавни набавки, а има опасност Министерството за финансии да го затвори трезорот и ниту еден вработен во јавниот сектор да не добие плата.
„Имавме состаноци со раководството на Министерство за финансии, на исто мислење сме и наоѓаме начини како да го анулираме ова, како да направиме нешто што работниците ќе може да го задржат ова надополнување на плата од 30 отсто. Ние како Синдикат инсистираме на потпишување на нов Колективен договор затоа што за овие вработени досега нема, и останува наредните денови повторно да се сретнеме со раководството на Министерство за финансии и да најдеме заеднички начин да го решиме овој проблем“,
додаде Деаноски.
Уставниот суд на седница на 5 месецов поведе постапка за преиспитување на уставноста на членот 66 став 3 од Законот за буџети, со кој се овозможи покачување за 30 отсто на платите на вработените во Министерството во финансии и органи на државна управа кои вршат работи поврзани со Буџетот.
Како што информираа од Уставен суд, донесена е времена мерка до конечна одлука, што значи додека Судот конечно не е произнесен.
Подносителот на иницијативите Mирослав Драганов ги оспорува автентичното толкување на членот 66 став 3 од Законот за буџети и член 66 став 3 од Законот за буџети.
Според подносителот на иницијативата не е јасно кои вработени имаат право на дополнување на основната плата од 30 отсто, кои биле работните места со соодветни специфики и посебни одговорности и врз основа на што се определуваат овие места и кој ќе ги определува. Наведено е дека со самата законска одредба се воведува основа за арбитрерно постапување на органот на државната управа при определување кој има право на пропишаниот додаток.
Во иницијативата има наводи дека вработените во Министерството за финансии кои вршат специфични работни задачи и имаат посебна одговорност се доведуваат во неосновано привилегирана положба во однос на граѓаните кои се вработени во други органи на државната управа и вршат специфични задачи и имаат посебна одговорност, со што се ставаат во нерамноправна положба.