Барањата на пензионерите се линеарно зголемување на пензиите за 3 500 денари за секој пензионер, а не процентуално согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, како и промена на методологијата за пресметка на пензиите
„Бараме човечки и социјални права“, „Ако има за вас, треба да има и за нас“, „Заслужуваме достоинствен живот“ беа дел од транспарентите со кои стотици пензионери од целата држава денеска се собраа на протест пред зградата на Владата.
Барањата на пензионерите се линеарно зголемување на пензиите за 3 500 денари за секој пензионер, а не процентуално согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, како и промена на методологијата за пресметка на пензиите.
„Бараме, не шест отсто, не 80 отсто од минималната плата, бараме пензијата да ни биде 18 000 денари. Бараме линеарно покачување, а не процентуално“,
рекоа пензионерите.
Пензионерите, кои беа на протестот, рекоа дека доколку не се остварат овие нивни барања ќе побараат оставка од министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Денеска, по повод Меѓународниот ден на пензионерите – 20 Септември, честитка испратија од Пензионерскиот синдикат на Македонија. Во честитката се вели дека е оправдано и потребно е најпрво да се изврши нивелирање на пензиите со линеарно усогласување. Овој синдикат соопштува дека смета оти минималната пензија во Македонија треба да биде поставена на 45 отсто од нето исплатена просечна плата, каква што е праксата во многу земји, а што е согледано од Европската федерација на пензионери и стари лица – ФЕРПА, со седиште во Брисел.
„Согласно податоците од Државниот завод за статистика и ПИОМ за јуни минималната пензија изнесува 34 отсто ( 12 493 денари) од просечната нето исплатена плата, а доколку биде 45 отсто таа би изнесувала 16 437 денари. Просечната пензија која во овој момент е помала од минималната плата ( 19 106 денари) предлагаме да биде 60 отсто од просечна нето исплатена плата, односно истата да изнесува 21 916 денари“,
се вели во честитката од Пензионерскиот синдикат.
Ова е втор поголем протест на пензионерите во Скопје, а во дел од останатите градови тие се организираа речиси секојдневно.
Откако почнаа протестите на пензионерите, министерката Тренчевска и Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, донесоа одлука да се формира работна група што ќе предложи решенија кои ќе бидат одржливи во однос на утврдување на износот на минимална пензија, но и за други видови мерки за помош и поддршка на пензионерите.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска завчера најави дека до крајот на месецот очекува конкретни предлози во однос на пензиите, со фокус на пензионерите со ниски месечни примања, а за што изминатиот период заседаваше работната група.