Шефот на државата претходно ги осуди руските воени дејствија карактеризирајќи ги како сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа
Во кабинетот на шефот на државата Стево Пендаровски почна седницата на Советот за безбедност на која се разговара за безбедносната состојба во земјава и регионот поврзана со руската агресија врз Украина.
Пендаровски ја свика седницата по нападот на Русија врз Украина во утрински часови денеска, а од неа не се предвидени изјави. Како што информираа од кабинетот на претседателот за заклучоците на Советот за безбедност, ќе испратат соопштение откако ќе заврши седницата.
Шефот на државата претходно ги осуди руските воени дејствија карактеризирајќи ги како сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа.
„Изразувам силна осуда за воените дејствија кои Русија ги презема над Украина, што неизбежно ќе водат кон ненадоместлива загуба на човечки животи и материјална штета. Инвазијата на Украина од страна на Русија е напад на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа. Како НАТО членка, се приклучуваме кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина. Во име на граѓаните на Северна Македонија, изразувам солидарност со украинскиот народ во овие тешки времиња“,
порача Пендаровски.
Осуда стигна од премиерот Димитар Ковачевски, шефот на дипломатијата Бујар Османи и министерката за одбрана Славјанка Петровска. Владата, пак, на седница реши да се приклучи кон санкциите за Русија.
И ВМРО-ДПМНЕ јасно порача дека во целост го поддржува ставот на НАТО за конфликтот помеѓу Украина и Русија и порачаа дека за нив почитувањето на меѓународното право односно територијалниот суверенитет, интегритет и независност на Украина се фундаментално важни.
- Пендаровски го свика Советот за безбедност по руската агресија врз Украина
- Ковачевски: Ја осудувам воената агресија на Русија, нема директна закана за безбедноста на С Македонија
- Османи го осуди нападот врз Украина: Воените дејствија на Русија не се ништо помалку од почеток на војна
- Петровска: Државниот врв ги следи состојбите и презема мерки за гаранција на безбедноста
- С Македонија се приклучува кон санкциите на ЕУ за Русија
- ВМРО-ДПМНЕ: Во целост го поддржуваме ставот на НАТО за конфликтот меѓу Украина и Русија