По рускиот напад врз Украина, шефот на државата Стево Пендаровски за денеска во 14 часот свика и седница на Советот за безбедност, а исто така и тој ја осуди воената агресија на Русија
Премиерот Димитар Ковачевски ја осуди воената агресија на Русија врз Украина и порачува дека војната е најлошиот начин за решавање на недоразбирања. Агресијата врз Украина, според премиерот, е закана и за европскиот и за светскиот мир, а моменталната безбедносна состојба кај нас, вели премиерот е стабилна.
„Владата ја следи многу внимателно состојбата во Украина. Безбедносната состојба во нашата земја е стабилна и во овој момент не постои директна закана за безбедноста на Северна Македонија. Покрај безбедносната состојба, Владата одблиску ги следи и промените во светските економски текови кои се дестабилизирани од новонастанатата состојба. Владата како и досега ќе дејствува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните“,
вели Ковачевски.
По рускиот напад врз Украина, шефот на државата Стево Пендаровски за денеска во 14 часот свика и седница на Советот за безбедност, а исто така и тој ја осуди воената агресија на Русија. Осуда претходно стигна и од министерот за надворешни работи, Бујар Османи. И опозициската ВМРО-ДПМНЕ јасно порача дека во целост го поддржува ставот на НАТО за конфликтот помеѓу Украина и Русија и порачаа дека за нив почитувањето на меѓународното право односно територијалниот суверенитет, интегритет и независност на Украина се фундаментално важни.