Конклавата доаѓа по смртта на папата Франциск на 21 април. Се очекува 133 кардинали од целиот свет да изберат нов поглавар на Католичката црква
Утрово на покривот на Систинската капела во Ватикан беше поставен оџак, со што се завршија техничките подготовки за конклавата што започнува во среда, на 7 мај.

Работата ја снимија фотографи, а оџакот го постави член на противпожарната служба.

Според традицијата, по секој круг гласање, кардиналите ги горат гласачките ливчиња. Доколку гласањето е неуспешно, од оџакот се испушта црн чад. Појавата на бел чад укажува дека е избран нов папа. Бојата на чадот се одредува со хемикалии што се додаваат во огнот со гласачките ливчиња.
Конклавата доаѓа по смртта на папата Франциск на 21 април. Се очекува 133 кардинали од целиот свет да изберат нов поглавар на Католичката црква.
Изборот на новиот папа ќе се одвива во Систинската капела под фреските на Микеланџело од 16 век. Гласањето е строго тајно и се спроведува според строги правила и церемонијални процедури. Секој ден се одржуваат четири гласања – две наутро и две попладне – сѐ додека еден кандидат не добие двотретинско мнозинство.
Процесот може да трае неколку дена или подолго, во зависност од исходот на гласањата.