Шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва, во името на Претседателството со Советот на Европската Унија, и комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, слетаа во Скопје.
Двајцата европски претставници денеска се во посредничка мисија во Бугарија и Северна Македонија за да разговараат со властите на двете земји на теми поврзани со процесот на проширување на ЕУ.
„Министерот за надворешни работи Силва и еврокомесарот Вархеји само што слетаа во Скопје, кои доаѓаат во важен период за нашите евроинтеграции, носејќи со себе нов поттик на португалското претседателство. Сите треба да бидеме на висината на задачата за да ги зачуваме перспективите на заедничката“,
порача шефот на дипломатијата Бујар Османи по нивниот пречек на скопскиот аеродром.
Претходно, тие беа во Софија, каде што бугарските власти им порачаа дека не треба да се надеваат оти Бугарија ќе ги смени позициите за Северна Македонија.
„Не може да се очекува промена на националната позиција на Бугарија во однос на Република Северна Македонија. За нас останува клучно да се одржат добрососедските односи и да се добијат потребните гаранции за спроведување на Договорот за добрососедство“,
изјави бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев.
Бугарската новинска агенција БГНЕС, која имала увид во предлозите на португалското претседателство што ги носи Силва, во посебна анализа објави дека предлозите се втемелени на идејата проблемот меѓу Скопје и Софија да не се решава низ преговарачката рамка за членство во ЕУ, туку преку Процесот за стабилизација и асоцијација. Тоа, како што пишува БГНЕС, ја лишува Бугарија од можноста да реагира, односно да го блокира движењето низ преговорите дури и тогаш кога Северна Македонија не би ги исполнувала своите обврски.