Документот предвидува С Македонија да прифати дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година. Проблемот не е во датумот на кодификација, туку во потеклото на овој јазик, а тој клучен момент го нема во предложениот документ, пишува во анализата на БГНЕС.
Бугарската новинска агенција БГНЕС, која имала увид во предлозите на португалското претседателство, во посебна анализа појаснува дека тие се втемелени на идејата проблемот меѓу Скопје и Софија да не се решава низ преговарачката рамка за членство во ЕУ, туку преку Процесот за стабилизација и асоцијација. Тоа, како што се наведува во анализата, ја лишува Бугарија од можноста да реагира, односно да го блокира движењето низ преговорите дури и тогаш кога Северна Македонија не би ги исполнувала своите обврски.
„Според документот, властите во Скопје треба да изготват акциски план, односно патоказ преку кој низ Процесот за стабилизација и асоцијација ќе се следи спроведувањето на Договорот за добрососедство, но тоа има само козметички, а не и оперативен карактер. Не постојат инструменти со кои може да се санкционира неспроведувањето, а С Македонија веќе четири години прави некакви акциски планови, патокази и програмски документи кои потоа демонстративно и арогантно не ги исполнува“,
пишува во анализата на БГНЕС.

ШТО ТРЕБА ДА ПОТПИШАТ СКОПЈЕ И СОФИЈА?
Во анализата на документот што им бил ставен на увид, предвидено е двете земји да потпишат паралелни еднострани декларации за преземените обврски, што според БГНЕС би било апсурдно бидејќи двете земји веќе имаат билатерална спогодба која е депонирана во Обединетите нации.
„Зошто декларации кога го имаме Договорот за добрососедство потпишан на 2 август 2017 година, а сведоци сме дека властите во Скопје цели три години не го исполнуваат. Ако имаат таков однос кон него, кој може да им верува дека еден правно необврзувачки документ како што се предвидените декларации би бил почитуван“,
коментира БГНЕС.
Врз основа на предлогот на португалското претседателство, кој имале можност да го разгледаат, од БГНЕС велат дека документот предвидува С Македонија да прифати дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година, што за нив е исто така спорно, бидејќи тој факт е одамна признаен од македонските власти.
„Проблемот не е во датумот на кодификација, туку во потеклото на овој јазик, а тој клучен момент го нема во предложениот документ. Не е јасен ниту предлогот за вклучување странски експерти во заедничката историска комисија, бидејќи нашите претставници уште пред две години ја одбија таа идеја. Се предвидува двете држави преку еднострани декларации да се спогодат и околу краткото и долгото име на Република Северна Македонија, а официјално Скопје веќе трета година по ред одбива да го стори тоа со вербална нота до ОН. Се вели дека двете земји преку исто такви декларации ќе го потврдат значењето на чл. 11 од Договорот за добрососедство во однос на ‘македонското малцинство’, но тоа со ништо не ја обврзува С Македонија да ја прекине својата политика кон ова прашање и можноста да го промовира на меѓународен план“,
пишува БГНЕС.
Од бугарската новинска агенција БГНЕС, врз основа на документот, констатираат дека Бугарија се наоѓа во незавидна положба бидејќи едностраните декларации на Бугарија и на С Македонија е предвидено со свој акт да ги потврди Советот на ЕУ. За нив тоа е преседан.
„Советот на овој начин би ставил на исто рамниште една земја членка и една земја кандидат за членство. Како преседан може да се смета и фактот дека во предлог документот се зборува за ‘црвените линии’ на С Македонија. Никогаш досега низ преговорите за членство државите кандидатки немале ниту имаат како да остварат право на вето врз сопствената преговарачка рамка“,
заклучуваат од БГНЕС во анализата.