Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, најавија дека денеска ќе продолжат со активната блокада велејќи дека ќе се спротивстават на сè што не е во полза на граѓаните, а од премиерот Ковачевски побараа да почне дијалог за предвремени парламентарни избори
Владејачката СДСМ објави фотографии од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и партискиот лидер Христијан Мицкоски наредени како на матурско табло нарекувајќи ги „неработниците и класниот“.
Социјалдемократите ја споделуваат фотографијата откако вчера опозициската партија почна со активна блокада на Собранието, а од владејачката партија ги обвинија дека работат на штета на граѓаните барајќи да ги вратат платите и патните трошоци.
„Неработниците и класниот, овие нè чинат 55.000 евра месечно“,
велат во коментарот од СДСМ.
На првиот ден од блокадата, пак, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ вчера на собраниска седница се појави со транспарент со порака „Активна блокада за спас од националната катастрофа“.
Утрово од опозициската партија најавија дека ќе продолжат и денеска.
„Активната блокада продолжува и денес. ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на сè што не е во полза на граѓаните и на сè што не е нужно за државата, а значи оптоварување на буџетот или полза на СДСМ и ДУИ. Ковачевски да се охрабри и да се спроведе дијалог за предвремени парламентарни избори. Избори се потребни час поскоро“,
велат од партијата.
Во Собранието денеска е закажана 71. седница која започне вчера, но не беше утврден ниту дневниот ред.
За збор на оваа седница се пријавени 37 пратеници од опозицијата, а на дневен ред се неколку годишни извештаи, повеќе предлог-закони, главно од областа на финансиите и одбраната, како и предлог-одлуки.